Ракот на дојката е најчесто дијагностициран вид на рак во Европскиот регион на Светската здравствена организација (СЗО) со тоа што на 1.579 жени секојдневно им се дијагностицира рак на дојка.
Консумирањето алкохол е еден од главните фактори на ризик за болеста, на која може да се влијае, предизвикувајќи седум од 100 нови случаи на рак на дојка во Европа, се наведува во соопштението на Канцеларијата на СТО за Европа со седиште во Копенхаген.
Во текот на октомври, прогласен за месец на свест за ракот на дојката, СЗО ги охрабрува сите да сфатат дека ризикот од рак на дојка може значително да се намали со едноставно намалување на потрошувачката на алкохол.
Европскиот регион има највисока стапка на ново дијагностицирани карциноми на дојка во споредба со кој било друг регион, според истражувањето на СЗО. Според проценките на Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), во 2020 година, потрошувачката на алкохол била одговорна за речиси 40.000 нови случаи на рак на дојка во регионот.
Истите податоци покажуваат дека ракот на дојката стана најчестата форма на рак во светот. Регистрирани се повеќе од 2 милиони нови случаи во 2020 година, од кои околу 100.000 може да се припишат на консумирање алкохол.
– Многу луѓе, вклучително и жени, не се свесни дека ракот на дојката е најчестата форма на рак предизвикан од алкохол кај жените во светот. Луѓето треба да знаат дека намалувањето на потрошувачката на алкохол може да го намали ризикот од добивање рак. Не е важно за каков вид, квалитет или цена на алкохол станува збор – вели д -р Мерилис Корбекс, виш службеник за незаразни болести во Канцеларијата на СЗО за Европа.