Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, денеска во просториите на министерството одржа состанок со лозарите од Неготино кои неодамна протестираа. На состанокот присуствуваа и директорот на Инспекторатот за земјоделство Зоран Шапуриќ и градоначалникот на Неготино, Тони Делков.
Министерот Хоџа ги информираше лозарите дека откупната цена за оваа реколта ја објавија скоро сите винарии и изнесува 11 денари за Смедеревка и 12-13 денари за Вранец. Откупот сеуште не е започнат со максимален интензитет, а досега се откупени само 1,3 милиони килограми, стои во соопштението од Министерството за земјоделство.
„Инспекторатот е на терен секојдневно, сите ваги се баждарени, а во наредните денови инспекциските контроли ќе бидат уште повеќе засилени“, велат од оваа институција.
Додаваат дека министерот и директорот Шапуриќ ги охрабриле лозарите секаде каде ќе има проблем во проценката на тежината, шеќерноста или откупната цена, лозарите веднаш да ги известуваат на телефонските броеви, со цел никој да не биде оштетен, а откупот на грозје да тече онака како што е договорено. Ова особено важи доколку винарските визби не ги почитуваат цените кои се јавно истакнати, секој земјоделец е повикан да пријави направилност веднаш. По дојавите за неправилност, веднаш ќе бидат испратени инспектори да ја утврдат фактичката состојба, напоменуваат од ресорното министерство.
Градоначалникот на Неготино, известил дека на страната на општината е објавен повик за пријавување на штети предизвикани од суша и ги повика сите оштетени да аплицираат.
Министерот Хоџа повтори дека ќе се заложи сите сорти на грозје да бидат опфатени со помошта од 2 денари за килограм. Тој потенцираше дека Владата е на страната на земјоделците, за што зборува и фактот дека во 2020 година и покрај економската криза од Ковид – 19, државата исплати 20 милиони евра за лозарството, дел за субвенции а дел преку Ковид пакетите.
Министерот пред присутните лозари потенцираше дека Владата е на страната на земјоделците и дека тој лично гарантира дека грозјето нема да остане, известуваат од министерството.