22. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска за ефектите од „Учи паметно, работи стручно“: 1.384 ученици запишани во дуални паралелки, го постигнавме очекуваниот резултат

Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука ги даде првите ефекти. За 6% е зголемен бројот на ученици кои оваа учебна година се запишаа во средните стручни технички училишта споредено со минатата година, а вкупниот број на запишани ученици во дуалните паралелки е 1.384. Ова го истакна министерката за образование и наука на денешниот настан во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје.

„Целата оваа активност и дијалог којшто го имавме изминатиот период помеѓу средните стручни училишта, компаниите и локалните самоуправи даде одлични резултати.

„Учи паметно, работи стручно“ имаше таргет да склучи договори со компании, да отвори дуални паралелки многу повеќе од тоа што беше минатите години, а да истакнам дека во минатите години имаше само 10 дуални паралелки на територија на држава. Денеска можеме да кажеме со гордост дека имаме 97 дуални паралелки и склучени договори со повеќе од 200 компании во 44 училишта“, рече министерката.

Царовска истакна дека унапредувањето на средното стручно образование со отворањето на дуални паралелки и нови струки со години беше потреба на нашата држава, на што и алармираа компаниите дека се соочуваат со сериозен недостиг со стручно квалификуван кадар.

„Очекувам дека во наредниот период уште поинтензивно ќе работиме со сите компании и ќе го продолжиме започнатиот дијалог со кој утврдуваме кои струки и кои профили треба да се отворат доколку во моментот не постојат, или да се зајакнат постојните, сé со цел да младите добијат поквалитетно знаење и знаење коешто директно доаѓа преку работа и искуство во компании, за понатаму да може да се полесно вработливи и да може директно да се вклучат на пазарот на труд.

Најодговорно во една држава е кога вложуваме во човечкиот потенцијал. Сметам дека со оваа програма даваме заложба за директно намалување на младинската невработеност“, рече Царовска.

Министерството за образование и наука ја промени и политиката за стипендирање на учениците од средното стручно образование со цел да ја подигне атрактивноста на овие училишта и да ги поттикне младите да се запишуваат.

За оваа учебна година обезбедени се 2.000 стипендии во месечен износ од 3.500 за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка и тоа е одличен мотив за додека се учи, истовремено и се остварува приход, кој и тоа како им значи на младите.

Можеби ќе ве интересира

Службеник од општина Шуто Оризари присвоил од општинскиот буџет 3.600.000 денари

ДЕСК

Средба Божиновска со новоименуваниот економски аташе на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија

ДЕСК

Културата е во најлоша состојба досега, тоа е резултатот на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ

ДЕСК