Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Филипче: Нема да седам мирен кога е загрозена државата, Мицкоски се однесува душмански

„Нема да седам мирен кога е загрозена државата, Мицкоски се однесува душмански и кон државата и кон граѓаните, нема никакво право, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

„Нема никакво право да ни го запре европскиот пат. Од ’91 година се бориме за тој пат и тоа е стратешкиот правец за државата. Што ќе правиме сега, еве, Црна Гора и Албанија стануваат земји членки на ЕУ? Молдавија и Украина? Останавме ние со Косово и Србија и Босна. Таму ли ни е местото? Лидери бевме во регионот. И што направи Христијан? Нели ветуваше подобра преговарачка позиција? Што направи? Ништо“, додаде Филипче.

Претседателот Филипче обвини дека Мицкоски и Владата се однесуваат крајно незаинтересирано кон европскиот пат на државата, посочувајќи дека Македонија ризикува да остане изолирана во момент кога други земји од регионот напредуваат кон членство во Европската Унија.

„Две години наназад укажуваме дека оваа Влада е антиевропска. Дека работи спротивно. Не само на нашите интереси, туку и на интересите на Европската Унија, затоа што проширувањето е едно од приоритетите. Како може вака ноншалантно да се однесуваат и премиерот и Владата, во пресрет на посетата на Урсула фон дер Лајен, кога четири земји добиваат јасен патоказ дека до 2030 година ќе станат земји членки на Европската Унија, а ние седиме така. И премиерот глуми патриот. Граѓаните треба да бидат свесни дека ова е крај на патот. Завршува приказната со Европа тука кај нас. Со оваа политика на Христијан, на Владата, следуваат децении на сиромаштија, на иселување на младите, децении на изолација, на чекање на граница, на веројатно вадење бугарски пасоши“, предупреди Филипче.