Времето на неказнивост, избегнување на правдата, изигрување на законите, полека но сигурно станува минато, kонфискацијата на имот и противправно стекната имотна корист се императив за истерување на правдата до крај, истакна заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, на денешната промоција на „Националната Стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“. На промоцијата учествуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, директорката на Управа за јавни приходи Сања Лукаревска и директорот на Управа за финансиска полиција Арафат Муареми, амбасадори, претстваници од надлежните институции, домашни и меѓународни организации.
Вицепремиерот Николовски, ги презентираше мерките кои произлегуваат од Планот за борба со корупција, ставајќи посебен акцент на развојот на капацитетите за вршење финансиски истраги и конфискација на имот. При тоа посочи дека дека усвојувањето на оваа Стратегија, како една од стратешките алатки за борба против корупцијата, е дел од активностите утврдени во владиниот План за борба против корупција, што ќе придонесе за зголемување на ефикасноста на кривичните истраги кои треба да резултираат со конфискација на имот и противправна имотна корист.
„Дел од мерките во владиниот План за борба против корупција, се значајни за ефикасна имплементација на активностите од Националната Стратегија..Времето на неказнивост, избегнување на правдата, изигрување на законите, полека но сигурно станува минато. Конфискацијата на имот и противправно стекната имотна корист се императив за истерување на правдата до крај“, истакна Николовски, доддавајќи дека една од клучните мерки во Планот е дигитализацијата на процесите, односно поврзувањето на надлежните институции на платформата за Интероперабилност, со која се зајакнува оперативноста на институциите, нивната електронска поврзаност и навремената размена на податоци.
Николовски потенцираше дека Владата, донесе одлука за зајакнување на капацитетите на јавните обвинителства во државата.Паралелно, водејќи се од принципите на заштита на националниот имот, како и на државниот буџет, во фаза на подготовка е и предлог Закон за потекло на имот, нешто што за прв пат го добива нашата држава.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, рече дека имплементацијата на наведената стратегија ќе придонесе кривичните истраги да резултираат со поголема конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне и ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата и дека само со спроведување на меѓуресорски координирани финансиски истраги со цел идентификување и следење на приноси, имот и имотна корист во земјата или во странство, а кои ќе се спроведуваат паралелно со криминалистичката истрага, може да се обезбеди нивна подоцнежна конфискација.
„Формирањето на посебната, специјализирана единица за водење на финансиски истраги во МВР беше еден од главните приоритети, но и бенефити од претходната стратегија. Наведената Единица, формирана во 2020 година, веќе успеа да се етаблира и да испорача конкретни и видливи резултати. Во овој момент, како резултат на активностите на оваа Единица се водат финансиски истраги против 67 физички и против 16 правни лица. Притоа, тоа се финансиски истраги кои се спроведуваат паралелно со криминалистичката истрага“, изјави министерот Спасовски.
Според Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, посочи дека Националната Стратегија е од особена важност не само за надлежните институции за водење на финансиски истраги во делот на следење на текот на парите и откривање незаконски стекнат имот, туку и за Јавното обвинителство кое е надлежно да ги гони сторилите на кривични дела.
„Стратегијата и Акцискиот план се важен исчекор во борбата против криминалот и се очекува да придонесат за зајакнување на координацијата помеѓу надлежните институции за водење на финансиските истраги. Современиот облик на криминалот кој често не завршува во границите на една земја наметнува потреба од соработка помеѓу земјите, но и на надлежните органи за откривање на овој вид кривични дела и нивните сторители“, рече јавниот обвинител Јовески.
Директорката на Управата за јавни приходи Лукаревска појасни дека УЈП како неопходен орган во алката на спроведувањето на финансиските истраги ќе биде дел од Националната комисија за следење на имплементацијата на Стратегијата и Акциските планови, како и дел од мулти-агенциски тимови кои ќе вршат координирана заедничка работа на сложени предмети со претставници од повеќе институции координирани од ОЈО.
„За областа Платформа за интероперабилност, сертифицирање и развивање на веб сервиси – прилагодување на ИКТ Системите на институциите за примање на податоци од институциите од кои имаат потреба, УЈП се наоѓа во процес на дигитализација и модернизација на ИТ системот и воспоставување на нов интегриран даночен информационен систем (ИДИС) . Воспоставувањето на ВЕБ сервиси за цели на размена на податоци со трети страни е дел од новиот ИДИС и континуирано се зголемува степенот за размена на податоци преку Платформата за интероперабилност“, рече директорката Лукаревска.
Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, изјави дека Управата е доста активна во преземањето на дејствија во врска со финансиските истраги без оглед дали се работи за спроведени финансиски истраги по сопствена иницијатива, или по барање на надлежно Јавно обвинителство или други институции кои посочуваат постоење на основи на симневање за сторено кривично дело.
„ Доказ за тоа се бројните финансиски истраги кои се спроведени од страна на Управата за финансиска полиција во изминатиот период од 4 години, а кои се однесуваат на повеќе од 500 физички или правни лица и кои како такви зависно од утврдените состојби се процесуираат со соодветен поднесок до надлежните јавни обвинителства “, изјави директорот Муареми.
Во подготовката на „Националната Стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023 активен придонес дадоа МВР, Министерството за правда, Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција, Управа за финансиско разузнавање, Управа за јавни приходи, Царинска управа, Агенција за управување со одземен имот, Академијата за судии и јавни обвинители, Основниот кривичен суд Скопје и Судскиот совет, а изработена е со поддршка од германското Министерство за економска соработка и развој и од норвешкото Министерство за надворешни работи преку Глобалната програма за борба против нелегални финансиски текови на Германското друштво за меѓународна соработка- ГИЗ. Новата Национална стратегија ќе се имплементира во следните две години.