23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Се повисок број на заразени и починати од Ковид 19: Полициски час од 17 до 05 часот за викенд?

Полициски час кој ќе започне од 17 часот попладне до 05 часот наутро и ќе трае од петок до понеделник неделава е една од можните рестриктивни мерки кои ќе ги воведе Владата, тврди извор за Фактор. Се размислувало дури и за целосно затворање за време на викендот, мала е веројатноста за тоа засега.

Од Министерството за здравство за Фактор потврдија дека е можно да има викенд со подолг карантин, но сето тоа зависи од бројот на заразени и хоспитализирани.

Членови на Комисијата за заразни болести за Фактор велат дека нема најави за нови состаноци, а неофицијално тврдат дека нивната улога во последниот период е безначајна затоа што одлуките не се дискутираат на ниво како кога почна епидемијата на Ковид-19.

Во Македонија сега на сила е полициски час кој трае од 22 часот навечер до 05 часот наутро секој ден.

Д-р Никола Пановски вчера изјави дека казнувањето на луѓето на улица поради неносење маски нема никаква врска со ширење на вирусот, бидејќи вирусот не се шири на отворен простор и со одржување дистанца. Тој посочи дека работењето на кафулињата поради задржување на стабилноста на економијата го плаќаме со живот.

Тој вели дека е неопходно да се стави клуч на врата кај угостителските објeкти и да се воспостави ред во јавниот превоз, бидејќи само така ќе се држи под контрола третиот бран на коронавирус во земјава.

– Сите мерки, додека работат кафeани, кафулиња, фитнес клубови, коцкарници и обложувалници се депласирани, без разлика дали од 22 до 5 часот. Казнување луѓе по улица бидејќи не носеле маски, нема никаква врска со ширењето на епидемијата. Се знае каде се шири епидемија. Рестораните, барем според мене, не треба да работат. Од економски причини работат, па плаќаме со болест и животи, а друго е што таму внатре не се почитуваат мерките, бидејќи во кафичите секојдневно гледате како стојат на кољопои на триесет сантими без маски, вели професор доктор Никола Пановски.

Деновиве Македонија регистрира рекорди на заразени и починати лица од Ковид 19 од почетокот на оваа година.