Фејсбук статус на премиерот Зоран Заев:
Пред нас се зимските празници, традиционално придружени со семејни собири. Но, за жал, ние сме во најинтензивниот бран на ширење на коронавирусот. Од тие причини беа донесени и последните мерки и препораки за граѓаните да ги носат маските 😷 на отворено за лична и за заштита на другите и да не се групираат 👥❌👥.
Со приближувањето на зимските празници, апелирам да нема собирања по домовите. Да останеме скромни, воздржани и одговорни за време на славите и имендените оваа година. Тие ќе бидат тука и идната година, и тогаш, здрави и живи, ќе си честитаме и ќе прославиме согласно традицијата.
Оваа година да си посакаме здравје и живот, и „за многу години славата и вечно име“ преку телефон, со порака, со видео повик. Ништо нема да ја намали искрената желба што на тој начин ќе им ја упатиме на славениците и на домаќините за нивните домашни слави.
Сите мора да прифатиме дека оваа ситуација ќе потрае, но со дисциплина околу мерките за заштита можеме значително да го успориме ширењето на вирусот и да се заштитиме.
Нема импровизации со заканите од ширењето на КОВИД-19. Тој што не ги почитува мерките за заштита го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи од нив и се однесува несериозно – загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот.
Немаме друг избор освен секој од нас да биде одговорен и да го даде својот личен придонес да ја запреме оваа пандемија, за да дојдат моментите на стабилизирање и намалување на рестрикциите, додека не биде достапна вакцината.
Во деновите на семејните празници да останеме дома 🏠, да не се групираме. Сите заедно да помогнеме и на себе и на нашите семејства. Да им помогнеме на лекарите, на медицинските сестри и на другиот медицински персонал, да ѝ помогнеме и на државата.
Чувајте се, придржувајте се до мерките, останете дома и во добро здравје.