Судството покажа дека може да функционира онлајн, вели министерот за правда Бојан Маричиќ по повод Европскиот ден на правдата.
„Ова ново време на светска пандемија, донесе нови предизвици и за правосудство и бара нови решенија како да функционира системот, да продолжат судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата. Учениците, наставниот кадар и образовниот систем со извонредна посветеност, соочувајќи се со многу предизвици, покажаа дека системот во овие времиња треба и може да функционира и онлајн. За време на вонредната состојба, во судството имаше примери кои потврдија дека може да се функционира и онлајн, што е добар показател дека доколку има таква потреба, во иднина ова може повторно да се воведе во пракса“, изјави Маричиќ.
Во едно демократско општество, посочи министерот, важно е граѓаните да бидат добро информирани како да си ги остварат своите законски загарантирани права, како да добијат заштита на тие права и како сите да имаат еднаков и фер пристап до правдата.
Министерот Маричиќ најави дека наскоро се очекува намалување за осум пати на максималната судска такса, која досега беше 48.000 денари, а сега ќе изнесува најмногу 6.000 денари. Со ова, како што посочи министерот, судските трошоци за граѓаните ќе бидат значително намалени, со што правдата ќе стане подостапна за нив.