Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна, 6-та седница, со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На денешната седница Владата ќе ја разгледа Информацијата за четвртиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19.
На предлог на Министерството за образование, денеска ќе бидат ставени на разгледување и усвојување Предлог – уредба за начинот на организирање и реализирање на наставата во вонредни околности во основните и средните училишта; Информација за усвојување протоколи за постапување на посебните основни училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/21 година; Информација за реализација на наставата во средните училишта за ученици со посебни образовни потреби во учебната 2020/2021 година, со прилог поединечни протоколи за постапување во средно образование за ученици со посебни образовни потреби; Протокол за работа во услови на справување со вирусот КОВИД-19 во јавните ученички домови во Република Северна Македонија во учебната 2020/21 година; Протокол за работа во услови на справување со вирусот КОВИД-19 во државните студентски домови и други објекти за сместување во Република Северна Македонија во академската 2020/21 година, како и Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, за период од 18.09.2020 година до 25.09.2020 година.
На дневниот ред на денешната 6-та седница е и точката Преглед со приоритетни предлог – закони од делокругот на надлежностите на министерствата кои Владата треба да ги утврди, а Собранието на Република Северна Македонија да ги донесе до крајот на 2020 година.
Редовната, 6-та седница на Владата е предвидено да започне во 10:00 часот.