Одлична увертира пред главното јадење или солен прилог. Традиционалниот специјалитет од пиперки, ајварот, може да биде уште повкусен кога ќе се подготви совршено ладно предјадење од него.
Состојки:
200 гр ајвар
150 гр кашкавал
5 јајца
9 лажици брашно
400 мл павлака
1/2 главица кромид
1 прашок за пециво
масло
сол
мелен црн бибер
Начин на подготовка:
Одвојте ги жолчките од белките. Жолчките разматете ги, па додајте половина од павлаката и половина од количината ајвар. Посолете по вкус и повторно разматете со миксер, додека не добиете хомогена смеса.
Посебно измешајте го прашокот за пециво и брашно, па додајте го во смесата од жолчки.
Посебно разматете белки, малку посолете, па полека измешајте ги во смесата со жолчки. Во намастен плех обложен со хартија за печење ставете ја смесата и печете 30 минути на 220 степени.
Во меѓувреме, подгответе го филот – во длабок сад ситно исечкајте кромид и изрендајте кашкавал. Додајте ја останатата павлака и останатиот ајвар и измешајте да се соедини.
Печената кора исечете ја на три еднакви делови. Првиот дел од кората превртете го на лице и на него ставете половина од филот.
Од горе поклопете со друга кора, ставете го остатокот од филот и поклопете со трета кора. Целата торта премачкајте ја со смеса од павлака. Од горе изрендајте кашкавал и украсете со ајвар.
Добар апетит!