29. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Растојание помеѓу лежалките и во водата, забрана за играње одбојка – објавен протоколот за плажите

Владата на денешната седница го усвои протоколот за работа на плажите во текот на пандемијата.

Во согласност со протоколот, покрај задолжителното почитување на основните превентивни мерки за носење лична заштитна опрема на лицето, за физичка дистанца од 1,5 до 2 метра, често миење на рацете со вода и сапун и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите, задолжително е точното и видливо информирање на посетителите со информативно-едукативен материјал во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, како и со гласовно информирање за придржување кон препораките.

Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите, кои се однесуваат на сите вработени лица и за посетителите за лична заштитна опрема на лицето, која ги покрива пределот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 до 2 метра, вклучително и при престој во водата, како и ограничување на бројот на посетители на плажата во согласност со квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нетоп-површина.

На плажите е задолжително меѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, растојание од 1,5 до 2 метра помеѓу лежалките поставени под соседните чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и по користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави крпа на лежалката пред да ја употреби.

Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа) и задолжително е одредувањето лица што ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките.

Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија на Ковид-19 уште ги уредува и санитарно-хигиенските мерки, препораките за вработените, а за користење угостителски услуги се препорачува почитување на протоколот за угостителска дејност во услови на пандемија на Ковид-19.

На плажите не се препорачува користење гардероби на плажата.