Секогаш во средиштето на збиднувањата...

На базен со маска, задолжително е туширање пред влегување во водата

На денешната владина седница веше усвоен протоколот за работата на базените, кој вклучува носење маска на лицето и држење растојание, како и задолжително туширање пред влегувањето во базенот.

Протоколот за работа на базените во тек на пандемијата со Ковид-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, определува задолжително пред билетарниците да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5 до 2 метра. Меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1,5 до 2 метра или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички. Да се обезбеди и препорачува онлајн-купување билети.

При влез во базенскиот дел задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете.

Пред влезот на базените задолжително е да се постави дезбариера (подлога) за дезинфекција на сите посетители и да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете со известување за посетителите за задолжителна дезинфекција на рацете при влегување и да се постави пред влезот на сите простории во објектот.

Задолжително е редовно информирање на посетителите, а користењето на соблекувалните е дозволено по принципот еден посетител во една соблекувална, со воспоставување ред и незадржување од страна на назначени лица од редарската служба. Зачестено да се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои 2 часа (по потреба и почесто).

Сите вработени лица и посетителите до влегување во базенот задолжително да носат лична заштитна опрема на лицето, што подразбира каква било форма на заштита што ги покрива пределот на носот и устата, како и да одржуваат физичка дистанца од 1,5 до 2 метра, вклучително и во базенските води.

Се ограничува бројот на посетители во објектот во согласност со квадратурата на објектот, максимум 15 посетители на 100 м² нето-површина (вклучително и површината на базенот) или еден пливач на 7 м² во базенот и задолжително да се одредат лица што ќе го контролираат бројот на пливачи во базенот (во согласност со погоре наведениот норматив) и кои ќе го контролираат спроведувањетоп на мерките.

Протоколот ги утврдува и другите санитарно-хигиенски мерки и препораки за вработените, кои се задолжуваат да водат евиденција за секој тренинг, организирана спортско- рекреативна активност или слободно користење на базенот од страна на граѓаните, со цел полесно епидемиолошко следење во случај на појава на заразен со Ковид-19. За секој посетител да се обезбеди податок за време и дата на посета/тренинг, име и презиме, телефонски број за контакт, име на тренерот/група/инструктор итн.

На базените не се препорачува користење угостителски услуги, а за оние во состав на хотелските капацитети, се препорачува почитување на горенаведените препораки, со напомена користењето на базенот да биде дозволено само за гостите на хотелот.