23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

(Фотогалерија) Голема заплена на Царината – еве што се’ носеле граѓаните на црно преку граница

Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  цигари, инсектициди, хербициди, автоделови, алати, мопед, облека, очила, козметика, парфеми, тоалетни води, смартфони, девизи и фалсификати.

 

Цигари

– 60 штеки цигари марка Marlboro без акцизни маркички откриени при контрола на косовски камион, натоварен со овошје и зеленчук, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари, пронајдени во две прегради за алат што се наоѓаат од надворешните страни на кабината, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 41 штеки цигари, откриени во три одвоени случаи на граничниот премин Блаце, при контрола на три косовски автомобили, пријавени за влез во државата.

Во првиот случај, во багажникот, во торби на сопатничка во возилото, биле пронајдени 26 штеки цигари Winston со косовски акцизни маркички, од кои една штека ѝ била вратена на патничката, а 25 штеки биле привремено задржани.

Во вториот случај, во торбите на патник во возилото, сместени во багажникот, биле пронајдени 10 штеки цигари Winston со македонски и косовски акцизни маркички, од кои 1 штека му била вратена на патникот а 9 штеки биле привремено задржани.

Во третиот случај, исто така во багажникот, во торби на сопатничка во возилото, биле пронајдени 8 штеки цигари Ronhill и Winston без акцизни маркички, од кои 1 штека ѝ била вратена на патничката, а 7 штеки биле привремено задржани.

Во сите три случаи против сопствениците на непријавените цигари ќе бидат поведени прекршочни пријави.

– 6 штеки цигари марка Marlboro без акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил со кој за влез во државата на граничниот премин Меџитлија, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените цигари, пронајдени под патосницата пред совозачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

 

Препарати за заштита на растенија

– 44 килограми инсектицид во гранули, марка ROVOCID и GALITION Extra (44 пакувања од по 1 килограм), 1600 ml течен инсектицид-концентрат за емулзија ETIOL (16 пакувања од по 100 ml) и 490 грама хербицид TEZIS (49 пакувања од по 10 g), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во багажникот, на задното седиште, помеѓу седиштата и под совозачкото седиште, се привремено задржани, а против сопатникот во возилото, кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

 

Автоделови, алати и мопед

– 93 нови и употребувани автоделови и алати (филтри за воздух, рамо за предница,  водни пумпи, јабучици, ребрасти ремени, филтри за масло, филтри за гориво, гуртни, амортизери, ремен со затегач, спреј за чистење на маснотии на мотор, пневматски пиштоли, кабли за стартер, брусалки, хромирани ауспуси, стартер, ладилници за моторцикл, индустриски фен,  машина за чистење чевли и сетови рачен алат), откриени при контрола на стока со потекло од Швајцарија, наменета за увозник од Кичево, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга. Непријавените производи се привремено задржани, а против фирмата увозник и одговорното лице ќе биде поведена соодветна постапка.

– 1 употребуван мопед YAMAHA NEOS, откриен при контрола на патничко комбе со словенечки таблички, управувано од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот мопед, пронајден во багажниот простор на возилото, е привремено задржан а против возачот е поведена прекршочна постапка.

 

Облека

– 100 парчиња облека, 48 пара обувки и 2 спортски ранци, откриени во два одвоени случаи, при контрола на еден камион и еден автомобил, пријавени за влез во државата на граничниот премин Дојран.

Во првиот случај, во сандаците за алат, како и во преградите за личен багаж, врз горниот кревет и под долниот кревет во кабината на босански камион, управуван од босански државјанин, биле пронајдени 58 парчиња облека (јакни, дуксери, тренерки, спортски градници и блузи со кратки ракави), 48 пара обувки (патики и влечки) и 2 спортски ранци. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка. Истовремено, поради тоа што производите имале  ознаки на заштитена трговска марка, ќе биде поведена и постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Во вториот случај, во багажникот на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, биле пронајдени 42 пара фармерки. Непријавените фармерки се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 57 парчиња женска облека (панталони, фустани, палта и блузи), откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата, на граничниот премин Богородица, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи пронајдени во три патни торби сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

 

Очила, козметика, парфеми и тоалетни води

– 2.299 разни производи (очила, дезодорански, жилети, маскари, шминки, пудри за лице, вештачки нокти, четки, облека, парфеми и друго), откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце.  Непријавените производи, пронајдени пред совозачкото седиште, помеѓу предните и задните седишта и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 106 тоалетни води, откриени при контрола на босански камион, управуван од босански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени под долниот кревет во кабината на камионот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 29 парфеми од 100 ml, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на багажот на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените парфеми се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

 

Стоматолошки материјали

– Поголема количина разни стоматолошки материјали и инструменти (материјали за пломби, цемент, турбини и друго), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи, пронајдени во куфери сместени во багажниот простор, во просторот за резервна гума и во фабричка празнина во багажникот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

 

Смартфони

19 смарт телефони Beontel F1, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин  Богородица. Непријавените телефони, пронајдени во кутија сместена на задното седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

 

Девизи

– 4.200 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во рачна ташна на возачот биле пронајдени 6.200 евра за кои не поседувал документ за потекло, од кои, согласно законските прописи, му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата. За сторениот девизен прекршок против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

 

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 885 пара очила со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Италија, наменета за увозник од Струга, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 1. Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и, согласно законските прописи, ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

– 20 маски за мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на брза пратка од Кина, наменета за физичко лице од Тетово. Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани,  и согласно за конските одредби ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.