24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИНТЕРВЈУТОП ВЕСТИ

Интервју со Александар Наумоски, градоначалник на Ѓорче Петров: Овозможуваме плански развој и сочувување на зелените површини, ДУП-от во Хром донесен на транспарентен начин 

Центар интервју со Александар Наумоски, градоначалник на општина Ѓорче Петров.

Во интервјуто за Центар.мк, првиот човек на Ѓорче Петров зборува за дел од она што досега е сработено, но најавува и доста значајни капитални проекти за следните две години од неговиот мандат. На пресекот од четирите години доверба кои ги доби од граѓаните на „западната порта на градот“, негов најголем успех е да ги гледа своите сограѓани задоволни. Вели дека позитивните вибрации од неговата интензивна работа и работата на неговиот тим, со поддршка од Советот веќе се чувствуваат, иако секогаш ќе има незадоволство. За Наумоски секогаш може подобро, и затоа во следните две години најавува уште по засилено темпо на работа. На своите сограѓани им порачува да бидат трпеливи, бидејќи ништо не се случува „преку нок“.

 

Поминаа две години од Вашиот мандат. Што сметате за најголем успех, задоволен ли сте од сработеното?

И сум, и не сум задоволен. Реализиравме доста, но во вториот дел од мојот мандат, јас и мојот тим со поддршка од Советот, очекувам да оствариме голем дел од преостанатото од она што сум го ветил во предизборната кампања и да ја оправдам довербата која ми ја дадоа граѓаните. И досега слушам позитивни коментари од моите сограѓани, кои за жал, претходно, немаа  елементарни услови за нормално функционирање, но, секогаш може подобро. И секогаш наспроти тоа, ќе има и незадоволство. Моето Ѓорче долг период „тапкаше“ во место. Таа слика веќе две години се обидуваме да ја поправиме и се надевам дека успеваме. Да ги гледам граѓаните задоволни е и ќе биде мојот најголем успех, но за успех би сакал да зборувам на крајот од мандатот.

На што работевте изминатиот период?

Работевме на сите страни, не изоставувајќи ниту еден сегмент од општественото живеење кои од претходната власт и тоа како биле занемарени. Од улично осветлување, до асфалтирање, легализација, социјала, образование, култура, спорт… Затворивме прашања кои со години ги мачеа ѓорчепетровци, со што во исто време решивме клучни проблеми. Асфалтиравме и тампониравме над 50 улици, поставивме атмосферска канлизација на ул.„Црногорска“-горлив проблем на тамошните жители, меѓудругото, изградивме нови детски катчиња, фитнес зона, саниравме штети на спортски игралишта, постојано сме во акција на чистење површини и депонии и разеленување на делови на населбата, проширивме и тампониравме паркинзи, станавме социјална општина-организиравме хуманитарни настани за помош на наши сограѓани, а први во земјата ангажиравме социјална патролна служба да направи социјална карта на Ѓорче и да таргетира лица кои имаат потреба од помош. На дел од нив општината им помогна, а изработена е дата-база на податоци за социјалната состојба на Ѓорче Петров која ќе послужи за аплицирање за проекти од областа на социјалата, што би требало да донесе долгорочни решенија за овие лица. Меѓу ретките општини, ангажиравме образовни асистенти кои им помагаат на лица кои имаат потреба од дополнителна помош поради телесен инвалидитет или пречки во развојот за време на настава, како и лица за помош на стари и изнемоштени. Исто така, ја реконструиравме и четиридецениска кујна во објектот „Детелинка“ во градинката „Росица“, инвестиција вредна 600.000 денари, бидејќи здравата храна е многу важен сегмент за развој на здрави генерации. Финишираме со водоводна мрежа во руралниот дел на општината, а ја организиравме втора година по ред и манифестацијата „Звуци на културата“ со многу активности, која на мое задоволство побуди голем интерес кај ѓорчепетровци, позитивни вибрации и подигнување на културниот дух на повисоко ниво. Го стартувавме и проектот „енергетски ефикасни објекти“ преку кој со 30 отсто од вкупните средства субвенционираме промена на кровови и фасади на зградите во Ѓорче Петров. Отворен е јавен повик за истиот, а во меѓувреме го завршивме регистарот на колективни станбени објекти. Навистина работевме напорно и има уште многу за набројување од она што сме го завршиле. Работиме чесно и транспарентно, имаме добра соработка со Владата и институциите и верувам дека до крај на мојот мандат ќе го направиме Ѓорче поубаво место за живеење.

Неодамна потпишавте договор за целосно менување на јавното осветлувње во Ѓорче Петров со современи лед светилки. До каде сте со капиталните проекти?

И тоа е дел од она што го сработевме изминатите две години. Потпишавме договор со турската компанија „Џемдаг“ за јавно-приватно партнерство за целосно менување на јавното осветлување во општината со најсовремени лед светилки кои ќе донесат заштеда на Општината, а тие средства што ги плаќаат граѓаните, ќе им се вратат во инфраструктурата, за шест месеци очекувам општината да блеска во нов сјај. Истовремено го почнавме процесот за изградба на корзото во Ѓорче што очекувам да биде симбол на ноќниот живот и урбаното живеење, како и да го врати духот на заедништво. За оваа намена во првата фаза од општинскиот буџет одвоивме 6 милиони денари. Успеавме да ја донесеме најголемата гринфилд инвестиција во Ѓорче-клиничкиот центар кој ќе се гради на м.в.Веле Поле, со што докажуваме дека сме ориентирани кон создавање нов економско-социјален амбиент, кој дополнително ќе го поттикне локалниот развој, потпишавме договор со Министерството за труд и социјална политика за изградба на градинката во Волково која се очекува да биде завршена за две години, најсовремена во земјата со капацитет од 175 деца, по 60 години го сменивме покривот во училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“, за што одвоивме 9 милиони денари, а во истото училиште извршивме и целосна санација на спортската сала во вредност од два милиони денари, со што овозможивме соодветни услови за непречено фунционирање на часовите по физичко образование, но и на рекреативниот спорт. Потпишавме и договор за јавно-приватно партнерство, заедно со министерствата за здравство и за труд и социјална политика за изградба на градинка и амбуланта во Дексион. Советот веќе донесе одлука за започнување постапка за доделување договор за ЈПП, а следно е пристапување кон изработка на тендерска документација. Меѓудругото, во овој дел би ја издвоил и доградбата на градинката „Детелинка“ со три занимални, проект усогласен со Светска банка. Очекувам и тоа да се заврши во следните две години.

 

Деновиве актуелно беше донесувањето на ДУП-от за Хром, прашање кое побуди и незадоволство кај одредена група граѓани, што придонесе и за собирање потписи за поднесување иницијатива пред Уставниот суд од нивна страна за побивање на планот. Зошто е тоа незадоволство?

Навистина е нејаснотија. ДУП-от за Хром беше изгласан на транспарентен начин на отворена седница на Советот, а за истиот претходно беа организирани две јавни анкети на кои имаа можност сите заинтересирани граѓани да присуствуваат и да извршат увид. Точно е дека се предвидени изградби на нови градби со намена домување, од кои речиси половина ги затекнавме по претходна планска документација, но ве уверувам дека при изработката на ДУП-от, состојбата на терен е целосно преиспитана во однос на микро-локацијата и поширокото опкружување, како и поставката на постојните и планирани градби и водено е сметка за обезбедување на воедначен планиран ритам на површини  за  градба на конкретниот простор, како и обезбедување услови за хумано живеење и работа на граѓаните, заштита и унапредување на животната средина и природата. Со новиот Детален урбанистички план ќе се овозможи плански развој и сочувување на зелените површини, што ни е особено важно, а при подготовката, испочитувани се основните начела на планирање и уредување на просторот, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Хром има проблем со училиштето, поради преполовување на училниците и недоволниот простор за редовна настава на децата, што предизвика револт кај граѓаните. Имате ли план за промена на тоа?

И овој проблем го затекнавме од претходната власт, но „копјата се скршија“ на нас. Во претходна документација за доградба на основното подрачно училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром не е извршено упис на доградениот дел. Тоа, ни направи дополнителен застој во постапката за издавање одобрение за доградба на подрачното училиште. Но, после долг временски период имаме чиста ситуација со активирање на новиот ДУП СЗ 20 за Хром за издавање на документациона основа потребна на Министерството за образование и наука за аплицирање во системот за ново проширување. Подготвени сме на почеток на ноември да издадеме одобрение за доградба на училиште, со што очекувам да се реши овој голем проблем кој трае долг временскиот период. Децата и нивиот правилен развој се наш приоритет и од големо значење ни е нивното нормално функционирање во образовните институции на наша територија. Никако нема да дозволиме на нивна сметка, ниту на „грбот“ на родителите да натежнат нерешени состојби кои ние за жал, сме ги наследиле.

Што може граѓаните на Ѓорче Петров да очекуваат во периодот што следува?

Во периодот што следува можам да кажам дека го засилуваме темпото на работа. Имам желба и ќе инсистирам се што е почнато да се заврши. Кога го велам ова мислам и на капиталните проекти кои се очекува да стартуваат, но и на оние тековните што сум ги ветил пред граѓаните. Да појаснам, капиталните проекти малку потешко се реализираат, поради тежината која ја носат и временските рокови кои според договорите, се подолги. Тука игра голема улога и динамиката на работа на изведувачот, како и временските услови кои се надевам ќе бидат на наша страна. Исто така, меѓудругото, посакувам да ја завршиме градинката во Волково, која навистина му е и повеќе од потребна на Ѓорче. Но, ќе работиме интензивно и да ја подобриме и инфраструктурата, односно да ги довршиме почнатите улички кои ги поплочуваме со бехатон, а претходно беа во катастрофална состојба, да поставиме на што е можно повеќе локации атмосферска и фекална канализација, која за жал во 21 век се уште во Ѓорче е проблем, да изградииме затворен базен преку Агенцијата за млади и спорт, заради подобра и поздрава иднина на нашите деца. Воедно, моја желба е да го уредиме и кејот на реката Лепенец, проект кој инсистирам да се оствари во мојот мандат. Ќе продолжиме да ја чистиме и уредуваме со урбана опрема тековно општината, да им помагаме како и досега на индивидуалните спортисти од Ѓорче, но и на нашите спортски клубови за да продолжат да редат успеси како досега. Никој досега кој побара помош не е одбиен. Достапни сме им на граѓаните постојано. Исто така, ќе продолжиме и со еднократна парична помош на оние кои им е потребна, ќе продолжиме со подигнување нови зелени површини, а постојаните ќе ги сочуваме. Програмите за работа на секторите се речиси готови, буџетот за следната година се подготвува. Ќе работиме тековно, но онаму каде што е потребно, и вонредно со интензивно темпо.

За крај, имате ли порака што сакате да им ја упатите на Вашите ѓорчепетровци?

Да. Би сакал да им порачам да бидат трпеливи, затоа што кога ја преземавме општината, навистина почнавме речиси од почеток. Можеби на граѓаните им се чини дека работата оди полека, но на терен не е така. Кога ја преземав функцијата, наидов на ниту еден затекнат и почнат проект, а празна каса и во големи долгови. Го расчистивме сето тоа со домаќинско управување и контролирање на средствата, но ништо не може да се случи „преку ноќ“. Две години се пред нас, и можам да ветам само напорна работа.

Ѓорче добива и нова спортска сала

Особено ми е важно што во мојот мандат, а после цели 60 години, Ѓорче добива нова спортска сала во основното училипте „Јоаким Крчовски“, со што 400-тина ученици ќе добијат соодветни услови за физичко образование, рекреирање, но и развој на спортскиот дух. Станува збор за проект во соработка со Министерството за образование и наука. Во тек е работата на терен на површина од 650 м2. Салата ќе биде наменета за мал фудбал, кошарка, ракомет, пинг понг и гимнастика, рече градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, во интервјуто за Centar.mk.

Можеби ќе ве интересира

209 сообраќајни прекршоци во Скопје

M T

Посебен режим на сообраќај во среда, четврток и петок (12, 13 и 14.10.2022) во Скопје

M T

174 санкционирани возачи во Скопје

M T

Ристо Пенов – таткото на современата функционалност на Скопје: Новата Автобуска, Водњанска, Плоштадот, стазата на Кејот…

CENTAR MKD

164 санкционирани возачи во Скопје, 45 за брзо возење

M T

108 санкционирани возачи во Скопје

M T