28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАБИЗНИСИЗБОР

Едногласна порака од конференцијата за здравство на АмЧам: “Квалитетното здравство е инвестиција во човечкиот капитал”

Во организација на Американската Стопанска Комора во Северна Македонија (АмЧам), денеска во Скопје се одржа конференцијата за здравство насловена како “Подобрување на пристапот до лекови за сите”, на која учество зедоа видни домашни и меѓународни експерти од различни области на здравствената заштита и менаџирањето на здравствените системи.

Драган Давитков, претседател на Одборот на директори на АмЧам, во своето воведно обраќање посочи дека главната мисија на оваа конференцијата е да се отвори транспарентна и инклузивна дебата околу процесот на проширување на позитивната листа на лекови, со цел и македонските граѓани да добијат пристап до лекови кој не отскокнува од европскиот просек. Тој повика за приоретизација на здравствената агенда и неопходните промени кои треба да овозможат одржлив и квалитетен здравствен систем.

На настанот свои поздравни обраќања имаа и заменик-министерот за здравство, д-р Владимир Рендевски, како и првата дама на Република Северна Македонија, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска.

Главниот говорник на конференцијата, проф. д-р Рифат Атун од Универзитетот Харвард во САД, одржа презентација за влијанието на различните демографски, епидемиолошки, политички, економски, социо-културни и технолошки фактори кои доведуваат до криза во светските здравствени системи. Тој понуди решение во форма на теоретски модел од пет чекори за трансформација на здравствениот систем, кој се состои од: промена во институционалната логика, инклузивни партнерства, интегрирано дејствување, инвестиции во здравството и поголем пристап до иновациите. Според професорот Атун, финансирањето на здравството не е трошок, туку инвестиција во човечкиот капитал – резултирајќи со мерливи придобивки и поголема економска оправданост од многу други сектори.

Д-р Славејко Џамбазов, меѓународен експерт и консултант за здравствени политики и технологија, се осврна кон важноста на практиките за проценка на здравствени технологии во унапредување на ефективноста на системите за здравствена заштита. Според  него, проценката на здравствените технологии нуди можност за подобра контрола и предвидување на здравствените буџети, промовира ефективни решенија и транспарентност, а нуди и подобра основа за преговарање за цената на лековите и третманите.

Поранешниот директор на Националниот фонд за здравствено осигурување на Република Хрватска, д-р Тихомир Стризреп, зборуваше за одржливо финансирање на здравствениот систем, преку надминување на тендерскиот пристап на јавни набавки, нудејќи методологија заснована врз повеќе критериуми.

Д-р Золтан Кало од Универзитетот Семелвајс во Будимпешта ја нагласи важноста за употреба на податоци од секојдневната медицинска практика во реалниот свет, сѐ со цел ефективна локална адаптација на глобалните теориски системи за изградба на здравствен систем кој ќе има реална вредност за корисниците.

На настанот се одржаа и четири панели кои обработија неколку исклучително значајни теми како “Одржливо финансирање во здравството како предуслов за подобар пристап до лекови”, “Како да се отклучи процесот со позитивната листа на лекови?”, “Здравствена заштита заснована на вредност и потреба од реални податоци” и “Хармонизацијата со ЕУ во областите на лекови и јавните набавки”.

Конференцијата “Подобрување на пристапот до лекови за сите” е прва конференција за здравство на Американската Стопанска Комора во Северна Македонија, иницирана од компаниите кои членуваат во Комитетот за здравствена заштита при АмЧам.