Прес конференција на кандидат за градоначалник Константин Георгиески:
Прашањето за зачувување и уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро со децении беше игнорирано. Храбро одлучивме да ја напуштиме таа практика. Препораките од УНЕСКО по кои постапивме ни дадоа дополнителен правец. Плажите се од огромна важност за Охрид како туристички центар. Освен во летната сезона, тие се одличен потенцијал за различни содржини во остатокот од годината. Плажите во голема мера придонесуваат за квалитетот на животот во градот и претставуваат и исклучителен туристички ресурс.
По претходна детална анализа, консултација со експерти од сите области, преземаме конкретни мерки за овозможување на туристичка функционалност на плажите, кои ќе бидат достапни за сите граѓани и ќе бидат во хармонија со природата. Уредувањето на плажите ќе биде во согласност со Урбанистичкиот план за крајбрежје кој го подготвува Агенцијата за просторно планирање и Планот за управување со светското природно и културно наследство.
Развиваме нов сериозен концепт и план, за општината да преземе важна улога во уредување, но и во управување со плажите, согласно еко стандардите. Целта е плажите да бидат јавни и достапни за граѓаните, но и во функција на туризмот. Охрид конечно добива градски плажи по сите современи текови и еколошки препораки.
Во јавноста ќе бидат објавени идејните решенија кои пристигнаа на Јавниот повик на општината, кој беше објавен на крајот на август. На повикот се бараа креативни предлози и дигитални 3д анимации за уредување на плажите, согласно предвидените критериуми за заштита на природата и Охридското Езеро. Целта на повикот беше да ги вклучиме домашните архитекти, урбанисти но и граѓаните во креирање и избор на најдоброто идејно решение. За оценување на пристигнатите решенија формирана е стручна комисија, составена од експерти од различни области.
Преземаме мерки за уредување на плажите согласно идејното решение кое ќе биде избрано. Преку посебна програма ќе се пристапи кон тековно чистење и одржување на околината, хортикултурно уредување, поставување на објекти од природни материјали, реквизити и друга сезонска понуда за туристички цели.
Заради подобро вклучување на плажите во туристичката понуда на градот и создавање на можности за користење на средства од фондовите на ЕУ, ќе се пристапи кон соодветно брендирање на слободните градски плажи со препознатлив визуелен идентитет, лого и назив.
Се разгледува можноста за спроведување на тематска специјализација на плажите. Целта е плажите да бидат вистинско место за уживање, одмор и забава. Уредените плажи ќе создадат дополнителни услови и алтернативна сцена за организирање на културни и забавни настани на отворено. Ќе се креира посебна програма за шпицот на летната сезона, со која плажите ќе понудат нови содржини за туристите.
Го нудиме најдоброто за развојот на Охрид, затоа на 17-ти октомври во недела да го заокружиме бојот 12 за уште една голема победа за нас и идните генерации.