„Кризата со пандемијата ни укажа дека вложувањата во инфраструктурата, болниците, градинките, училиштата, патиштата и пред сѐ вложувањата во човечкиот капитал, е одлична економска стратегија. Едно без друго не може. Градењето патишта, железници, и друга ‘хардвер’ инфраструктура се и тоа како потребни, но нема да го дадат посакуваниот ефект ако не инвестираме во човечкиот потенцијал. Ги искористуваме можностите за креирање на соодветен деловен амбиент каде неизвесноста ќе биде намалена, а предвидливоста зголемена. Секој инвеститор сака стабилно деловно опкружување, владеење на правото, а ние како Влада се стремиме тоа и да го овозможиме. Самиот влез во НАТО носи забрзан раст на инвестициите, раст на економијата и намалување на невработеноста и веруваме дека со стабилизирање на состојбата од пандемијата ефектите ќе бидат видливи.“, вели претседателот на македонската влада, г. Зоран Заев во интервјуто за „Капитал“.
Македонската економија влезе во 2021 година со многу предизвици пред себе – ефектите од Ковид пандемијата се’ уште силно се чувствуваат во поедини сектори што се најмногу погодени, а бизнис коморите секојдневно инсистираат на продолжување на пакетите антикризни мерки, особено на поддршката во исплаќање плати, како и на воведување нови.
Премиерот Зоран Заев најави дека се разгледува и петтиот пакет мерки, што треба да биде претставен во февруари, но конкретни детали засега нема.