Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас.
Како што информираат од кабинетот на Заев, на средбата била потврдена поддршката од Австрија за европските интеграции на нашата држава, а премиерот упатил порака до австрискиот канцелар Курц дека новоизбраната Влада и натаму е целосно посветена на европскиот пат.
„Големи можности се сега пред нас, откако воспоставивме добрососедски односи со сите соседи и со тоа создадовме можности за бенефити за нашите граѓани на домашен план. Тоа се економските можности од значење и за граѓаните и за државата. Владата, со развојот на економијата, е цврсто определена да работи и на владеењето на правото и е подготвена да соработува и со Австрија и со европските институции со цел усогласување на праксите и легислативата“, посочил Заев.
Тој зборувал и за насоченоста на Владата кон развој на образованието и на здравствениот систем и се заблагодарил за солидарноста од Австрија и државите на ЕУ за време на здравствената криза.
На состанокот било констатирано дека економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Австрија е одлична и дека има можности за интензивирање на билатералните односи во следниот период.