По повеќедневните проблеми со водоснабдувањето во Штип, комуналното претпријатие „Исар“ соопшти дека е саниран и вториот дефект на главната водоводна линија. Со завршувањето на интервенцијата започнало постепено враќање на водата во засегнатите населби, вклучувајќи ги и повисоките делови на градот.
Од претпријатието објаснуваат дека системот не може нагло да се пушти во полн капацитет, бидејќи таквата постапка би можела да предизвика дополнителни оштетувања на мрежата. Затоа водоснабдувањето се воспоставува етапно, а во високите зони првично се очекува намален притисок.
Поради двата последователни дефекта, десет населби во Штип се соочија со прекини во снабдувањето со вода за пиење во изминатите четири дена. Претходно беше прогласена кризна состојба во дел од градот, а на жителите им беа обезбедувани цистерни со техничка вода и флаширана вода за пиење. Надлежните посочуваат дека оштетената главна водоводна линија е стара околу половина век.


