25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Нова и „фенси“ инфраструктура која убива на лице место

Кога бев страшно млад, некаде на самиот почеток на двеилјадите години, поиграв кошарка и во Нови Сад, „клинац игра на ‘Сепенс(у)’“, што би рекле новосаѓани; „Нис Војводина“, ако некој се сеќава на тој клуб? Уште во тоа време научив дека најдобрите цури живеат во Нови Сад и Бања Лука. Со овој наратив влегов во Нови Сад, со овие зборови чичко Јово, служителот во салата „Спенс“ ме запознаваше со Нови Сад.

Неколку пати сум патувал од Белград за Нови Сад со воз; а неколку пати сум патувал со автобус. На железничката станица во Нови Сад испивав кафиња и сокчиња, гледав како луѓе влегуваа и излегуваа. На самиот влез на железничката станица гледав луѓе како се бакнуваа, како се пречекуваа и испраќаа. Живеев спроти железничката станица, во стан кој имаше големи, дебели и тешки завеси пред да излезете на балконот, а кога ќе излезете, директно и’ в сурат ја гледате железничката станица пред вашиот нос.

Ги гледав луѓето секоја ден, влегуваа и излегуваа, се пречекуваа и испраќаа. Ги гледав луѓето кајшто се бакнуваа. И бев сам, барем од денешна перспектива (кога ќе се присетам каде се’ акав низ бившaта ни Југославија играјќи кошарка), бев секаде и на секое место сам. И секаде и на секое место бев „некој што не е наш“. Ама тоа сега е некоја сосема друга приказна.

Ми затрепери стомакот кога пред два дена ја прочитав страшната вест за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад која усмрти 14 луѓе. И таа настрешница беше и „од мое време“, добро ја паметам во мојата свест. Знам колку беше долга, голема и тешка. Мислам дека повеќе од педесет пат сум поминал под неа. Но, никогаш не сум помислил дека може и мене да ми падне на глава. Оти кога човек е млад, не размислува од што се направени нашите градски архитектури, колку се издржливи и до кога може да траат. Млад си, пријателе, одиш низ животот како Џек Керуак во книгата „На пат“, не се вртиш назад, возиш со двеста на час. Ама тоа е кога си млад, безгрижен и кога ги следиш своите соништа.

Навистина жалам за оваа трагедија која им се случи на новосаѓани. Ете, во моето сеќавање, Железничката станица беше важно место за градот во кој се најдов, а за некои луѓе тоа ќе биде проклетство и вечна траума. Живот, понекогаш е одвратен и немилосрден, а некогаш е навистина пријатен, возбудлив и интригантен.

А што се однесува до смртта, и таа проклетница не ми е туѓа. Јас, пак, во многу рани години го изгубив мојот татко на нашите „македонски автопатишта“. Тоа беше далечната 1979/80 година. Во каква состојба биле патишта од тоа време, навистина не знам, затоа што тогаш бев страшно малечок, воопшто не бев свесен за себе и светот што ме опкружува. Знам само, барем според зборовите на мојата (сега веќе покојна) баба: твојот татко од автопат замина на небото. Живот, рековме погоре, некогаш е навистина гаден и непредвидлив. А, ако постои Бог, понекогаш вистински се прашувате, „па, по ѓаволите со него, каде е кога ти е најпотребен“?

И кога пред некоја ден, ќе го слушнеш уште оној неранимајко, некаков министер за патишта, тој, наш – и „патриотски“ Александар Николовски, како ти вели: „Од Скопје до Охрид ќе се вози за час и дваесет минути“, јас навистина не знам што да мислам. Во мене се буди бес, тага и огорченост.

Со што ќе се патува? Со какви автомобили ќе патуваме? Дали сугерира дека може и’ да се погине на таа брзина? Кога ќе се направи? За 5 години, за 10, за 20? Понекогаш се прашувам дали воопшто знае што зборува.

Имено, градовите во Македонија не се поголеми од пред 40 и кусур години, ама со сигурност може да кажам дека се „натрпани“ и неуредни; за волја на вистината, малку повеќе се осветлени (заборавивме дека во социјализмот доминираше полуосветленост?).

Во оваа земја има многу стамбени населби, ама некако имате впечаток дека не ви се убедливи, да не речам – не се доволно „аргументирани“ со квалитет. Оние старите, од времето на социјализмот, гледате дека се подобри бидејќи се правени многу поквалитетно. Ама, генерално земено, што е воопшто радикално ново, поинакво, по што оној од минатото ќе рече дека се наоѓа во нова епоха?

Па, да речеме во две работи. Една работа се оние таканаречени „бизнис згради“ – згради во кои многу се работи, а ништо не се произведува. А друга работа се автопатиштата на кои упорно ве тера (или хушка?) министерот за патишта; не’ тера да возиме со преку 150 километри на час?
Немаме квалитетно образование (што ќе ни е тој луксуз кога од братска Бугарија ќе си купиме било каков сертификат, пасош, доплома?), добри книги или здравство, ама што ни е гајле – такви „глупости“ ионака се неважни, важно ќе „пичиме“ со двеста километри на час од Скопје до Охрид.

Да сум јас некој во оваа земја, најпрво ќе ја преиспитам сета архитектура која остана од груевизмот. Колку е безбедна и колку граѓаните се заштитени од тој барок и стиропор што неговите „пајаци“ го инсталираа во десетгодишната епоха на срам и беда. Потоа ќе ги преиспитам сите регионални патишта и автопатишта во каква состојба се наоѓаат. А потоа ќе го ограничам возењето на автопатите до 100 километри на час.

На ваква инфраструктура, на овој фушерај и аматеризам, кога човек ќе ги отвори очите наутро, треба да биде среќен што е жив. Се’ друго е премија или џек пот?

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.