23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски: 11 Октомври да ни биде инспирација да опстоиме на вредностите на предците-херои, за надминување на поделбите и со меѓусебна почит и правилни одлуки да ја достигнеме заеднички повисоката цел – европски живот во Македонија

Честитка од екс-министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и актуелен пратеник:

Почитувани граѓани,

Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ!

Македонија секогаш била на вистинската страна, потврдувајќи го тоа и на тој ден, кога стапила во антифашистичка коалиција, и во народноослободителна војна против тогашното идеолошко зло на далеку побројниот и повооружан окупатор.

Нашите предци од кумановските партизански одреди, Козјачкиот и Карадачкиот, како и од Прилепскиот партизански одред, со нивното херојство и слободарски дух се симбол на македонскиот непокор, кога на тој 11 Октомври 1941 ги избореле своите идеали за слобода и рамноправност на македонскиот народ, за да ја имаме можноста да бидеме рамо до рамо со слободните земји од Европа и светот, како Македонци да ги градиме своите иднина и просперитет во слобода.

Изразувам дабока почит кон борците за слобода, за нивната решителност и исконска пожртвуваност. Аманетот го исполнуваме чувајќи го македонскиот идентитет, преку македонската култура и традиција, како неизоставен дел од европското семејство, дел од НАТО и ЕУ. Обврската е да овозможиме на младите европско образование, можности да творат и достоинствено да живеат од својот труд, дома во Македонија.

Затоа, нека 11 Октомври ни биде инспирација да опстоиме на вредностите на предците-херои, за надминување на поделбите и со меѓусебна почит и правилни одлуки да ја достигнеме заеднички повисоката цел – европски живот во Македонија.

Во свое и во име на пратеничката група на СДСМ во македонското Собрание, ви го честитам 11 Октомври, со желби за благосостојба во семејствата и напредок на државата.
Да живее Македонија!