2. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото Министерство за европски прашања
.МАКЕДОНИЈА

Средба на МЕП Муртезани со албанскиот амбасадор Мејдани

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Албанија во Република Северна Македонија, Денион Мејдани, на која што беа разгледани прашања од заеднички интерес, вклучувајќи ја европската интеграција, билатералната соработка, Планот за раст на ЕК за Западен Балкан, како и значењето на ИПА проектите за двете земји.

Министерот Муртезани истакна дека Северна Македонија и Албанија се исклучително блиски партнери и сојузници со заеднички стратешки цели, во контекст на патот кон членството во Европската Унија. Одлуката на ЕУ за одвојување на пристапниот процес на двете земји беше предмет на продлабочена дискусија, при што Муртезани подвлече дека и покрај раздвојувањето, двете држави остануваат цврсто посветени на соработката во реформските процеси и споделувањето на искуства, кои се од суштинско значење за исполнување на европските стандарди. Соговорниците се согласија дека евроинтеграциите не се само национален приоритет, туку и регионална потреба за стабилност и развој.

Во однос на ИПА проектите, Муртезани и Мејдани ги потврдија заложбите за продлабочување на соработката преку заеднички проекти во рамките на Инструментот за претпристапна помош. Беше истакнато дека проектите поддржани од ИПА се клучен механизам за зајакнување на институционалните капацитети, особено во области како што се владеењето на правото, економскиот развој и административните реформи. Двете страни изразија подготвеност за уште поблиска координација во насока на поефикасна имплементација на овие проекти, со цел поголема интеграција на Западен Балкан во европскиот економски и политички простор.
Фото Министерство за европски прашања