На прашањето „На колку години треба да се учи лекцијата како да се заштитиме од сексуално преносливи болести?“ испитаните граѓани во анкетата „Внимание, внимание“ на „Трн.мк“ велат „што порано, тоа подобро“. „Уште од основно образование, осмо, деветто одделение“, „Некаде околу 12-13 години“, велат граѓаните.
Прашани дали треба да се воведе сексуално образование – како изборен или задолжителен предмет – сите граѓани кажаа дека треба да се воведе сексуално образование, некои како задолжителен, некои како изборен предмет. „Помладата генерација треба од мали нозе да биде свесна за секакви последици“. Со сексуално образование „децата на вистински начин ќе ги научат нештата“, велат граѓаните.
На прашањето „Да си ти министер/ка за сексуално образование, што ќе направиш во првите 100 дена од твојот мандат?“, добивме повеќе оригинални одговори. „Во последните 33 дена би вовела сексуално воспитување на популацијата, но со мултидисциплинарен тим, прилагоден според возраста и категориите во процесот на едукација“, вели една граѓанка, инаку лекарка.
Анкетата „Внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните го предизвикува артистот Дениз Абдула, во продукција на „Трн.мк“.