Наредниот месец се очекува ново зголемување на пензиите, по новата методологија за усогласување на пензиите.
За колкав процент ќе биде зголемувањето ќе дознаеме откако ќе излезат официјалните податоци од Државниот завод за статистика.
Заменик министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во емисијата на Слободен печат побара трпение прво да излезат официјалните податоци.
-Не би зборувала за процент, а ниту за некакви рамки, затоа што секоја рамка се зема здраво за готово и се манипулира со пензионерите и затоа ќе ги почекаме официјалните податоци. Но она што е факт е дека од март 2022 до крајот на 2023 година, пензиите се покачија за 24%. Никогаш претходно немало такво зголемување на пензиите за толкав период, посочи Тренчевска
Со новата методологија за усогласување на пензиите конечно е обезбедено системско решение за постојан раст на пензиите, два пати годишно.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, зборувајќи за подобрување на животниот стандард за пензионерите, во интервју за Слободен печат, посочува дека денес пензиите се зголемени за 50%, споредено со времето на ВМРО ДПМНЕ.
-Имаме и историско ниво на пензии – просечната пензија е околу 20.000 денари, минималната е 13.000 денари, зголемени за 50% во споредба со времето на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.
Усогласувањето на пензиите според швајцарски модел се случува два пати годишно и се врзува за порастот на трошоците за живот со 50 проценти и за растот на просечната плата со 50 проценти.
Ако се вратиме неколку години назад, од промената на власта во 2017 година досега за 50% е зголемена минимална пензија и за околу 50% е зголемена просечната пензија.
Во бројки, во време на ДПМНЕ просечната пензија изнесувала 13.754 денари, или нешто над 200 евра. Во 2023 година, просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари, што е зголемување од околу 6.000 денари, односно 100 евра.
Со воспоставената методологија за усогласување на пензиите, покачувањето на пензиите веќе не зависи од нечија политичка волја, туку се усогласува на секои шест месеци врз основа на растот на трошоците за живот и на просечната плата.
Системското решавање на пензиите и новата методологија беше поздравена од пензионерите.