Треба да се запамти дека со негласање не се одзема столче ни на партиите, ни на инфилтрираните регулаторни киднапери во нив, туку – напротив, негласањето им остава комоција да си се распределуваат повеќе по своја желба и да остваруваат свои егоистични цели со манипулирање на државните институции.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
По правилата на новиов гужван век, да сокриеш тајна е најдобро ако им ја тутнеш на сите да им маршира пред нос, но сепак да е невидлива. Не се работи за мимикрија, туку многу специјален психолошки принцип на емотивно затапување со преплавување на „животната околина“ со ниски емоции. Практично, со негација на животот – од информативна до реалистична. Да, пу, пу, скраја да е за второво (инаку, ако не било ефективна алатка, чуму беше она „А да имаме војна?“). Емоцијата е мотор за рациото, кое нема ни да се роди, а камоли да изврши некоја работа без емоцијата. Каква работа да изврши рациото? Има „тајна“ да види од пред нос. А за да ја види, не може да има емпатско слепило, бидејќи единствениот начин да гледа е малку компликуван во време кога се очекува од него да се брани со памет, а не да се глупира против себе со „пушка в рака“ – дали во мантра или, пак, скраја – реално. Работата се сведува да се види себеси (својата добробит) и преку сите други „кондури“, не само во своите, односно да излезе од самопотврдувачкиот балон.
На базичното ниво, таа очигледна „тајна“ има врска со она што колоквијално си го викаме овде „корупција“, „тендери“ и сите изведени термини од преклопувањата на државните, институционалните тела – со разни приватни бизниси. Економските науки, уште во 19-тиот век со индустријализацијата, искуствено и теоретски ја моделирале и нарекле нашава ситуација сега – „регулаторно заробување“ или, можеби уште подобар термин е регулаторно киднапирање, чија последица е со бројки очигледна во податоците од изборната излезност, како и резултати низ годините. Сѐ помалата излезност и горе-долу повторувачкиот резултат одговара на теоретското предвидување и искуството. Тоа киднапирање е основата на она дефетистичкото „сите се исти“ – „изморувањето“ да бидеш искористен од клики кои слободно си ги нарекуваме овде – мафии, картели, итн. Но, и тој дефетизам, заедно со конкретните (секогаш застарени!) дела, е гориво за остварување на целите на тие клики – повторување и повторување на резултатот кој е исклучиво од нивен бенефит. Масата народ да биде машината која работи за таа нивна цел.
Првата реакција на индивидуата е да се тргне настрана и да изјави, а во своето уверување и алтруистички дури да агитира дека не смее да се колаборира со овој непријател – на гласање никако не смее да се излезе, затоа што „сите се исти…“. Но, ако се погледне од страната на тој непријател, за регулаторните киднапери ова дејство на апстиненција на гласачот се сведува на помал трошок за киднаперот, заробувачите полесно ја постигнуваат својата цел: Повеќе луѓе обесхрабрени од перпетуалната неправда (од државното „спасување“ на овие бизниси итн.) – толку поевтино за кликите да постигнат целта – продолжување на ефективната монополска улога манипулирајќи ги самите државни институции. Всушност, она што Прибе го адресираше во однос на судската власт, како што не е тајна и јасно ни е на сите – води корени од киднапирањето на државната регулација од приватни интереси.
Земјите на ЕУ, јасно, не се од вчера, а не се ни комплетно оперирани од вакви наметливци, но во правилата на ЕУ (Поглавје 23 – всушност прво), кај многу од земјите – тие се супресирани како некаков стишен херпес. Навистина, на Урсула (фон Дер Лајен) можеби ѝ дошло преку глава да го сугерира истото па истото едноставно прекинување со штетната пирамидалност на методите на овдешните киднапирачки клики – со ЕУ, ЕУ и ЕУ, односно ѝ дошло преку сѐ веќе да бара некакво „друго“ решение за хомо назадикус во нашава земјичка… Веројатно мисли дека каков и да е народов, не може толку многу да е од самоуништувачката сорта, т.е. повеќе од еден век назадикус… Дека некако веќе ќе се убеди со нормално сфаќање, знаење на туѓата економска историја/теорија и ќе се разбуди како просветлен хомо сапиенс. Дека конечно ќе си обезбеди „меко спуштање“ со изгласување на својот спас од сите киднапери. За на крај, да се изрази крајно здодевно – дека од нас зависело. Како и секој доктор во ординација – ништо против докторите, баш тотално здодевно во право.
Што добога сака да каже, небаре кажала сѐ што има да се каже? Зошто не ни нацрта? Затоа што не е администратор на нашиот Матрикс. Секако, од нејзината позиција, никако не може да смета дека макар еден хомо назадикус може да стане хомо сапиенс – секој знае дека горила не научува интеграл и не можеш со инка да му го туриш тоа осознавање. Особено кога не можеш ни да пробаш – горила е. Сигурно проценителите во ЕУ сметаат дека оние македонски граѓани со својата „стомачна“ реакција на негласање, всушност се за принципите на ЕУ. Да споменам само дека вештачки интелигентните агрегатори на мислење се веќе во функција и не зависат од четирите рани анкети на преактивниот ИПИС овде во Македонија, во кој секогаш, ама секогаш водат марионетите на токму поголемиот процент од докажаните регулаторни киднапери – да речеме, над 60%-но учесните во борбата за егоистичните профитни цели.
И, баш докторски, со нецртањето ни укажува да си разгледаме кои тоа опции ги имаме што зависат од нас. Да ни се оцрта каква е врската меѓу нашето гласање/негласање на избори и длабочината на нашата киднапираност. Можеби стручните луѓе од општествените науки би пристапиле со „клинички“ совет – на пример да се измени законот и гласањето да биде задолжително, со цел да така да се „извади“ волјата на граѓаните, со клешти. Не сум убедена дека искуствата од тоа се позитивни, но ете идеја. Борба со дезинформации? За да менувате когнитивен бајас, мора да имате силен ПР, специфично, аспектите на вниманието кои непријателската (киднаперската) пропаганда ги насочува како бајас на нашата салиентност (на пример што последно ви оставило впечаток за да си ја зголемите добробитта, што сте запамтиле кога ви се активирал инстинктот за преживување итн.) Манипулацијата од киднаперите е во предност тука, бидејќи кај нив се средствата, а партиите се огромни структури што не се тотално хомогени во однос на нивните интереси.
Што да прави граѓанинот во ваква лоша ситуација, кога смета дека нема претставник за себе? Мислам дека најосновно што мора да согледа е дека – за да го стопира повторувачкото оро на регулаторните киднапери, не може да си дозволи да не гласа или да става неважечко ливче, и покрај симптомите на стомачен вирус од, навидум, одењето против себе, од „погазувањето“ на својот протест кон сите нив. Со неговата апстиненција, не само што киднаперите поевтино си ја постигнуваат константноста на приливот на средства од државата и си ја продолжуваат манипулативната моќ врз државните институции, туку и уште повеќе го прават тој граѓанин инструмент на својата цел. Тој апстинира, а тие си ги местат задниците, буквално на местотото што тој го отстапил. Не мислам тука за некој незаконски „заменски“ глас, овде претпоставувам чист избирачки список и никакви манипулации од „заменувања“ на мртви или апстиненти. (Патем, се расчисти ли веќе избирачкиот список, или сеуште се милион и 800 илјади на него – колку што е резултатот и од пописот сосе деца?!)
Еве една нереална екстремна илустрација, но која кажува како точно стојат работите. Тајната вистина што ни маршира пред очи. Да ги игнорираме оние останати 1500-1600 кандидати за пратеничко столче и замислете дека на изборите (парламентарни) гласале само 120 луѓе, точно оние 120 што се пратеници и воедно кандидати/носители на листи. Никој друг. Сите сме ги бојкотирале до даска, дури и нивните колеги не ги гласале, туку секој од 120-те само себеси се гласал! Мислите ќе остане празно столче? Јок. Сите 120 места ќе се пополнат со тие 120-мина. Ние ќе добиеме Парламент и Влада која ќе си ја брка работата на ист начин како и порано, сеуште киднапирани во истиот процент, на истите начини, во истите сфери и тие, и ние со нив. Со секое апстинирање од важечко гласање, на регулаторните киднапери, инфилтрирани во сите партии да се разбереме, се остава простор да се распредели столче на киднапиран или на киднапер, дури. Единствен начин да фали пратеник за место е да гласаат помалку од 120 (односно 6 пати по 20 луѓе) луѓе во цела држава. Што секако нема никогаш да се случи – гласаат илјадници.
На граѓанинот му останува само да процени во која од големите партии (првите три особено), се инфилтрирани повеќе регулаторни киднапери. Дали кај тековното мнозинство, бидејќи сега имаат извршна власт (но тоа може и да е основата за активирање на сеопштиот салиентен бајас, оти кој веќе го памети груевизмот), или, пак, кај опозицијата, бидејќи нивните кадри никогаш не се тргнаа од институциите кои ги заробија во минатото – нешто констатирано и од Прибеовиот тим. Или, како што се уверени симпатизерите на помалите партии, особено оние со симпатии кон Левица – дека тие се „чисти“ од регулаторни киднапери, па ќе го дадат гласот за таква партија, иако со тоа веќе ги прават „лепливи“ за киднапирање. Нивната скоро религиозна верба дека малите партии ќе останат „чисти“ е повеќе од неоснована и е стандардна заблуда, бидејќи веќе има резултат за таа динамика во економската теорија – секој мал аутсајдер кога станува инсајдер, воедно се инфицира со регулаторни киднапери, на принцип „премногу мал за да пропадне“ (Шарон Јадин, професорка по право и бизнис во А.Ц. Перес, Израел). Не е грешка – главниот принцип на регулаторно киднапирање е „премногу голем за да пропадне“, но, да не должам многу – се сеќаваме на неопходноста на неопходниот Амди Бајрам, нели? Малите одеднаш не можат без големите и обратно. Некој којшто следи како стојат работите на локално ниво, можеби ја согледува оваа динамика, која не е ни нова, најпосле – во тој простор беше и СП и други.
Потенцирањето на првите три партии по големина е затоа што, иако Донтовиот модел се нарекува „пропорционален“, тој, во услови на 6 пати (изборни единици) по околу 250.000 гласачи (не верувам во милион и 800 илјади гласачи, пак!) прилично ги преферира првите две-три по големина (тоа е покажано и во споредбена студија спроведена од Собранието). Парадоксално, но и не – киднаперите не се глупави – гласот е најефективен ако е ЗА партиите најинфицирани со регулаторни киднапери! Негласањето (апстинирањето), пак, го зголемува нивниот вкупен ефект (на регулаторните киднапери), а гласањето за „инфицирано ткиво“ е дисонантно со интересот на граѓанинот, а сигурно некои гласачи тоа го чувствуваат како нагризување на нивниот интегритет.
Сепак, ми се чини дека има приближно решение. Имено, освен проценката каде е поголема/помала инфекцијата, има уште еден фактор, а тоа е тенденцијата кон прекин на пирамидалната киднапираност со помош на воведување на стандардите на ЕУ, односно Поглавјата. Мислам дека тоа воедно е и метрика за каде регулаторните киднапери не се завладеани, туку влијаат на помал дел. Регулаторните киднапери имаат интерес да не се менуваат досегашните работи, па стандардите на ЕУ ги сфаќаат како против нив (што и се). Ова укажува дека партиите што се инструирани да го кочат европскиот пат на Македонија се масивно под влијание на регулаторните киднапери. Уште една индиција е што имаат многу битни, интернационално ангажирани „црнолисни“ цвеќки поврзани со нив.
Колку за да се знае дека има ефекти од гласањето, некои можеби ќе се потсетат на изборите од 2016 г. како малку различни, како да имаше поголема излезност на македонското тело кое носи интегритет, наспроти телото што пирамидално се лепи за регулаторни киднапери, иако тоа не се виде убаво според процентите за излезност. Но, сепак, резултатот од тие избори беше поинаков, а потоа, дојде уште една поинаквост (веројатно заради ковидот) во резултатите од 2020. Односно, ако се споредат резулатите од сите парламентарни избори до 2016 г., двете најголеми предизборни коалиции заедно, делеле 92-98 пратенички места и со значајна разлика меѓу нив. Но во 2016 и 2020 година беа речиси изедначени, при што во 2016 г. имаа заедно 100 (горен екстрем), а во 2020 само 90 (долен екстрем! Дури и ако се разгледа повнимателно, од 2011 г. ВМРО-ДПМНЕ почнува да паѓа (сметам дека врз основа на снимките – неколку пратенички места во 2014 г. за ВМРО-ДПМНЕ се добиени незаконски), додека сега, Левица им одзема антивладини симпатии. Што укажува дека некои пипци на регулаторните киднапери се веќе закачени на Левица (следачите на политиките на локалните власти веројатно подобро знаат).
Сума сумарум, треба да се запамти дека со негласање не се одзема столче ни на партиите, ни на инфилтрираните регулаторни киднапери во нив, туку – напротив, негласањето им остава комоција да си се распределуваат повеќе по своја желба и да остваруваат свои егоистични цели со манипулирање на државните институции. Подеталната математика за ова прашање на едноставен начин ја изложив во „Спротивно од неприфатливото“. И другиот услов – штом ЕУ стандардите се токму со намена за кинење на пипците на регулаторните киднапери, тогаш во структурите/партиите (моментално владината коалиција) кои се трудат да го продолжат европскиот пат за Македонија, инфилтрираните регулаторни киднапери немаат доволно сила да го запрат тој процес. Секако дека вложуваат ресурси против нив и од внатре, и преку опозицијата, но можеби е време веќе да си ги видат опциите на поголем пазар и да не се трошат за нови киднапирања, кон неетични новинари и медиуми, итн., бидејќи еволуцијата важи и за нив, како што во 19-тиот век важела за нивните пандани во западните земји.
Извор: Racin.mk