25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бектеши на претстојниот COP 28 ќе ја презентира инвестициската програма за енергетска транзиција на Северна Македонија

Министерството за економија како координатор од Владата е во завршна фаза на изработка на инвестициската платформа за енергетска транзиција (Just Energy Transition Investment Platform JETIP), информираат од таму.

Инвестициската програма (план) ги обработува предлозите на Владата, ги идентификува потенцијалните области за инвестиции и техничка помош на мултилатералните банки и го вклучува потенцијалот за мобилизирање дополнително кофинансирање од билатерални, мултилатерални и приватни извори.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на претстојната 28-та меѓународна конференција на Обединетите нации за климатски промени – COP 28, која годинава ќе се одржи од 30 ноември до 12 декември 2023 година во Дубаи, Обединети Арапски Емирати, ќе ја презентира инвестициската програма на Северна Македонија.

Во моментот, како што информираат од Министерството, планот е во изработка и се очекува во средината на декември да се одржат јавните консултации за него. Податоците (од финансиски аспект и инвестициски проекти) сѐ уште се во работна верзија и во согласност со сегашните активности и временски рамки, а планот се очекува да биде финализиран и усовоен до крајот на јануари 2024 година.

Инвестицискиот план претставува деловен план што го развива и поднесува Владата на Република Северна Македонија во соработка со мултилатералните банки, кои се партнери на Климатскиот инвестициски фонд, во овој случај: Европската банка за обнова и развој (ЕБОР – водство), Групацијата Светска банка – СБ (Меѓународната банка за обнова и развој (МБОР) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ)).

Инвестицискиот план е структурирана во три дела:

(1) Проекти во потенцијална пренамена на електраните што работат на јаглен со дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија,

(2) Економска регенерација на Пелагонискиот и на Југозападниот Регион и

(3) Енергетска ефикасност, чиста топлина и програма за децентрализирано производство.

„Северна Македонија е лидер во регионот во инвестиции во извори на обновлива енергија и поддршка на зелената транзиција.

Како држава имаме поставено амбициозна цел до 2030 година целосно да го намалиме и исклучиме користењето јаглен за производство на електрична енергија.

Во последните неколку години со засилено темпо ја реализираме енергетската транзиција на државата, која е силен сигнал кај меѓународните кредитори да дадат поддршка за целосно преструктурирање на македонскиот енергетски систем кон зелена енергија“, се истакнува во соопштението.