Екс-градоначалникот Петре Шилегов обелодени дека името на улицата „Втора Македонска бригада“ во скопската населба Чаир никогаш не било избришано откако градоначалничката Данела Арсовска достави иницијатива до Советот на Град Скопје да се врати името на улицата Втора македонска бригада, која како што рече, претходниот состав на советот ја променил во „Адем Демачи“.
„Улицата “Втора Македонска бригада”, никогаш не беше (била) избришана во Скопје. Втората македонска бригада е дел од најсветлата македонска историја. Историјата на НОБ и партизанското движење !!! Така било, така и ќе остане. Популистичките изјави од било која (чија) страна, се резултат на тотална неинформираност (или свесна манипулација) со јавноста. Ја нема таа сила која што мене би ме натерала да се откажам од светата борба за национална слобода на македонскиот народ. Поранешната ул. “Ловќенска 9”, се вика улица Втора Македонска бригада. Но, како што веќе беше кажано од моја страна, национализмот (чиј и да е) е прибежиште на наспособните“, напиша Шилегов во својата објава на Фејсбук.
Косовскиот премиер Албин Курти во петокот претстојуваше во Скопје на церемонијата на преименувањето на улицата во Чаир, што наиде на остри реакции во јавноста, како и негодувања од страна на државниот врв, пред се од премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски.
Во Законот за Град Скопје стои дека Советот на градот е единствен надлежен за преименување на улици.