Успеавме да извојуваме уште една победа со цел заштита на јавниот интерес, интересот на скопјани. Скопје се чисти, екипите на Комунална хигиена Скопје се на терен, состојбата во претпријатието е нормализирана, објави скопската градоначалничка Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Она што го ветив пред граѓаните е дека ќе работам чесно и во нивен интерес и ништо нема да ме спречи да го исполнам дадениот збор“, потенцира градоначалничката.
Градоначалничката вчера на прес-конференција го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како главен поттикнувач на случувањата во ЈП „Комунална хигиена“.
Очигледно градоначалничката не поминала во скопски Карпош, каде контејнерите се уште не се испразнети. Градоначалникот на оваа општина Стевчо Јакимовски, беше единствениот овој викенд кој не се огласи за катастрофалната состојба во општината во која владее, но затоа денеска се препукуваше со Мицкоски за кој повеќе згради ќе изгради и кој повеќе профит ќе направи.
Јакимовски, како верен партнер на скопската градоначалничка, денеска не се појави и на состанокот на Скопскиот плански регион, каде градоначалниците се обидуваа да најдат решение за состојбата во која се најде главниот град изминатиов викенд.
На денешната итна седница во врска со комуналната хигиена во рамките на Град Скопје, Советот на Скопскиот плански регион одлучи да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со комунална хигиена, како и препорака со која се бара Градот Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена Скопје“ во решавање на проблемот и иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на комуналната хигиена.
На седницата беше донесен и заклучок со кој Скопскиот плански регион бара од страна на Владата, доколку проблемот не може да се реши на ниво на Градот, да се вклучи во негово решавање.
Зошто Јакимовски не присуствува на седница на која се бара решение да се исчисти валканиот Карпош, останува да видиме.
Во меѓувреме проблемот со кафеаните кои го фрлаат својот отпад во контејнерите наменети за граѓаните не се реши откакот дојде тој на власт на Карпош. Граѓаните секојдневно ги пријавуваат кафеаните за мирисот на мрша кој останува по отпадот кој го фрлаат кафеани, но никој не го решава овој проблем. Дали кафеаните се во некаков договор со овластените за да се малтретираат граѓаните, веќе 2 години нема одговор од Јакимовски.
За него, поважно е да се „докажува“ со Мицкоски кој повеќе ќе направи профит од ДУП-от.
В.З.
извор Локално.мк