17. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИСИЗБОР

Туристичката сезона само што започна, најголеми олеснувања за поминувањето на границите се очекуваат од иницијативата Отворен Балкан

Во пресрет на екот на туристичката сезона сите кои имаат намера да тргнат на пат во некоја од земјите од соседството се прашуваат како ќе се поминуваат границите, ќе има ли гужва? Кога најбрзо и најлесно ќе се помине граница? На социјалните мрежи постојано се споделуваат фотографии и информации каде и кога е најлесно се поминуваат границите, со оглед дека летово речиси сите туристи кои одлучиле да одмараат во Грција, Албанија или Северна Македонија, а одлучиле да тргнат со автомобил или автобус, ќе дојдат или ќе поминат низ нашата земја. Најголемите очекувања се од иницијативата Отворен Балкан за границите со Србија и Албанија, но луѓето веќе очекуваат олеснувања и на границата со Грција. Како што најавија од Цариниската Управа од годинава во рамките на иницијативата Отворен Балкан се поминуваат две граници со едно застанување на граничниот премин Табановце, со Србија, а веќе во постапка е и истата процедура и за граничниот премин Ќафасан со Албанија. MВР изготви посебен План за проток на патници и ќе ги стави на располагање сите ресурси, човечки и технични, за да излезат во пресрет, а Министерство за транспорт најави комплетна нова патна мрежа на најфрекфентниот Коридор 10 како и формирање на нова Агенцијата за безбедност на патиштата – извршно тело кое ќе има единствена функција да спроведува мерки и активности преку кои ќе се намалат сообраќајните незгоди на патиштата низ државата.

Северна Македонија се уште е земја која има граници и истите тие во текот на летната туристичка сезона се ноќна мора за граѓаните. Минатата година бевме сведоци на големи гужви на граничните премини, кога цели семејства со мали деца чекаа и по неколку часа на граница, особено на граничниот премин Прешево – Табановце, како и на Богородица – Евзони и обратно.

Затоа ги запрашавме македонските институции како можат да помогнат во овој дел, дали за годинава преземаат дополнителни активности за да им се олесни патот како на туристите, така и на граѓаните на нашата земја кои заминуваат на летен одмор во некоја од соседните земји.

Во пресрет на новата туристичка сезона пред се во делот на граничното работење и граничната контрола МВР, односно Одделот за гранични работи и миграции, во континуитет превзема соодветни мерки и активности во насока на безбеден и непречен проток на патници, возила, и разните стоки и услуги поврзани со граничните премини.

„Како и претходно така и годинава веќе е изготвен и новиот План за брз проток на патници и возила со посебен акцент на граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ каде што е предвидена посебна пасошка контрола на туристи кои транзитираат низ РСМ.
Исто така согласно Законот за гранична контрола (член 17-е) предвидено и извршување на минимална пасошка контрола која се проценува од страна на надлежните на граничните премини и тоа се применува согласно законската регулатива“, соопштија од МВР.

МВР секоја година ги става на располагање сите технички и човечки ресусрси со цел да има побрз проток на патници и возила без да се намали квалитетот на граничните проверки и профилирањето на лица.

„Така, сега се водат интензивни преговори со страните опфатени во проектот Отворен Балкан и се очекува кон средина на наредниот месец да биде пуштена во употреба посебна апликација наменета за поквалитетна и подинамична гранична контрола којашто во моментов се развива од тимот на информатичари на МВР на РСМ заедно со претставници од МВР на Србија и на Албанија“, соопштија од МВР.

Во текот на неделава МВР одржа и работна средба во просториите на РЦ за ГР „Југ“ со дел од туристичките агенции кои што најчесто сообраќаат на релација Република Северна Македонија – Република Грција и преминуваат на граничните премини „Богородица”, „Меџитлија” и „Стар Дојран”.

„Целта беше да се презентираат активностите кои ги презема МВР за периодот на летната туристичка сезона, со цел побрз проток на патници на граничните премини. На состанокот претставниците од туристичките агенции дадоа свои предлози, кои ќе бидат земени предвид, се со цел што побрз проток на патници на овие гранични премини, со вршење на сите неопходни безбедносни проверки“, соопштија од МВР.

Министерството за транспорт и врски веќе започна со потребните активности поврзани со безбедноста, но и брзиот проток на патниците. Во овој дел голема улога има Коридорот 10, најфрекфентниот пат кој поминува низ Северна Македонија, но и Кородирот 8 и 10-Д.

„Во однос на Коридорот 10, во овој момент се проширува граничниот премин Табановце, рехабилитиран е целосно автопатот од Куманово до Миладиновци, исто така во овој момент максимално работиме на рехабилитација на делницата Петровец – Катланово. Реконструирана е возната лента од Велес до Градско, веќе се реконструира 14 километри делница од Демир Капија до Неготино, во двата правци. Еден дел од делницата од Неготино до Демир Капија е веќе реконструирана, изградена е целосно новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица и рехабилитирана е делницата од Смоквица до ГП Богородица“, соопштија од Министерството за транспорт и додадоа дека преку оперативната програма на ИПА се работи и на проектирање за замена на заштитните огради долж Коридорот 10.

Во Годишната програма на ЈП за државни патишта, за годинава веќе е испланирана рехабилитација на автопатската делница од Гевгелија до ГП Богородица.

„Во однос на Коридорот 10-Д заради подигнување на безбедноста во сообраќајот, започнавме со изградба на нов експресен пат од спојот со А1, Градско до Фаришка клисура. Завршивме со рехабилитацијата на превојот Плетвар, започнавме со реализација на договорот за изградба на нова автопатска делница од Прилеп до Битола и во овој момент се врши рехабилитација на државниот пат од Битола до ГП Меџитлија. Во плановите за развој на инфраструктурата во овој момент се проектира изградба на нов експресен пат од Битола до ГП Меџитлија. Со сите овие инвестиции ќе ја затвориме врската на 10-Д и ќе овозможиме комплетна нова патна мрежа на најфрекфентниот Коридор 10“, соопштија од Министерството за транспорт.

Најголемите инвестиции се за Кориорот 8.

„Тука ги реализираме најголемите инвестиции во патната инфраструктура започнувајќи од запад кон исток, започнавме со реализација на договорот за изградба на автопатски делници од ГП Ќафасан до Требеништа. Во фаза на изградба на изградба е автопатот од Охрид до Кичево. ЈП за држани патишта во втората половина од оваа година ќе го распише јавниот повик за изградба на автопатот од Кичево до Букојчани. Понатаму со Законот за стратешки интерес ја реализираме изградбата на автопатот од Букојчани до Гостивар и од Гостивар до Тетово. Во делот на автопатската делница од Тетово кон Скопје, реконструирана е возната лента“, соопштија од Министерството за транспорт.

Што се однесува до истокот на нашата земја, Министерството соопшти дека е извршена рехабилитација од Миладиновци до Куманово, државниот пат од Куманово до Страцин и од Ранковце до Крива Паланка.

„Работиме на изградба на нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка и овој дел од источниот Коридор 8 го завршуваме со рехабилитација и проширување со трета лента на делницата од Крива Паланка до ГП Деве Баир“, истакнаа од Министерството за транспорт и врски кои работат и на проекти за подигнување на безбедноста на патиштата преку воведување на Интелигентни транспортни системи на Коридорот 10, преку кои во реално време ќе има предвидливост на целата траса на автопатот.

Ова Министерство веќе привршува со формирањето на Агенцијата за безбедност на патиштата – извршно тело кое ќе има единствена функција да спроведува мерки и активности преку кои ќе се намалат сообраќајните незгоди на патиштата низ државата.

Најголеми очекувања за брзото помнување на границите со Србија и Албанија има од иницијативара Отворен Балкан. Во пресрет на екот на туристичката сезона на граничниот премин Табановце завршуваат инфраструктурните зафати кои се една од мерките кои Царинската управа ги спроведува во координација со Владата на Република Северна Македонија. Овие активности се спроведуваат во рамки на иницијативата Отворен Балкан, а целта е олеснување на регионалната трговија, но пред се забрзување на движењето на возила, стоки и патници.

„Во моментот на граничниот премин Табановце – Прешево непречено функционираат 10 ленти на влез, од кои: 2 за товарни возила, 1 за автобуси и 7 за патнички возила. Со новите инфраструктурни подобрувања, се прошири делот во меѓупросторот со дополнителни 2 ленти со кои се избегнува тесното грло кое претходно постоеше во тој дел и се овозможи рамномерно прераспределување на возилата помеѓу двата премини кон секоја од лентите, како и издвојување на товарните и патничките возила во посебни ленти. Со тоа се обезбедува подобро сообраќајно решение за намалување на времето на чекање на граница“, соопштија од Царниската Управа кои допонително во координацијата со Министерството за внатрешни работи и блиската соработка на оперативно ниво со граничните полициски службеници – ќе овозможи реално забрзување на протокот на возила.

Токму ова е и една од целите на иницијативата Отворен Балкан. Меморандумот за олеснување на увоз, извоз и движење на стоките веќе е потпишан од премиерите на трите држави во јули 2021 година.

„На граничниот премин Табановце целосно е во функција концептот за заеднички гранични контроли, со што е овозможено поминување на границата со едно застанување (One Stop Shop), а истиот концепт со Албанија на граничниот премин Ќафасан се очекува да биде воспоставен во најскоро време.

Компаниите – иматели на сертификати за Овластен економски оператор (ОЕО), преку меѓусебното признавање на овој концепт помеѓу трите земји, добиваат приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, поедноставување на постапките и други поволности со кои се намалува времето на чекање на границите, намалување на трошоците, и нивно подобро позиционирање на регионалниот пазар. Иницијативата Отворен Балкан овозможува подобра примена на овие поволности во пракса. На граничните премини Табановце и Ќафасан се воспоставени приоритетни ленти за товарните возила од земјите од Отворен Балкан и ОЕО компаниите од трите земји“, соопштија од Царинската Управа.

„Градежните зафати за подобрување на инфрастуктурата на ГП Табановце кои сега се во завршна фаза, се усогласени помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Србија. Во периодот што следи се очекува да започне со примена и мерката за признавање на потврдите за мерење на вага на товарните возила помеѓу Царинските управи на двете земји, што дирекно значи помало задржување при влез во државата“, соопштија од Царинската Управа.

Несомнено Отворен Балкан влијае позитивно врз процесот на интеграција со Европската Унија и е одлична пракса по примерот на земјите од Европската Унија каде граници речиси и да нема.

„Се работи за поширока иницијатива на Владите на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија, во чии рамки Царинската управа е фокусирана на реализација на активностите кои имаат за цел олеснување на царинските постапки за увоз, извоз и транзит, како и забрзување на протокот на стоки и патници во соработка со Царините од другите земји од иницијативата. Со тоа се зајакнува конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар, а позитивно влијае и на процесот на интеграција со Европската Унија“, соопшија од Царинската Управа.

Тие истакнаа дека директорот на Царинската управа Стефан Богоев неделава одржал средба со националните координатори за Отворен Балкан. На состанокот се констатирало дека реализацијата на активностите во рамки на оваа иницијатива во делот на царинското работење веќе дава резултати за граѓаните и за бизнис заедницата, а она што е многу важнo е тоа што овој процес се врши координирано на високо владино ниво и продолжува и во иднина со уште позабрзана динамика.

-Анета Тасова

извор Бриф.мк