Според координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Советот од редовите на оваа партија, Трајко Славевски, бегаат од закажување вонредна седница на Советот, на која треба да се расправа за катастрофалната финансиска состојба во Град Скопје.
Го потсетува Славевски, како што вели, дека сите услови за одржување вонредна седница се исполнети и таа треба да се одржи што побргу.
„Финансиската состојба во Градот е алармантна, буџетската сметка е блокирана, а на Скопје првпат во историјата му се заканува банкрот. Поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска, денес Скопје е нефункционален град со нефункционални и задолжени јавни претпријатија и установи. Јавниот превоз е во целосен колапс, ЈСП тоне во долгови, а протестите што ги гледавме пред неколку месеци може многу бргу да се повторат. Стотици милиони евра народни пари се потрошија за една и пол година, а не е реализиран ниту еден капитален проект од програмата“, вели Јанчева.
Единствени виновници за ваквата катастрофална состојба, според неа, се ВМРО-ДПМНЕ, која го има мнозинството во Советот, и градоначалничката Арсовска.
„Тие заедно го изгласаа буџетот за 2023 и заеднички ја правеа програмата за четиригодишниот мандат. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ го има мнозинството во сите управни одбори на претпријатијата, што денес едвај функционираат. Токму Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја промовираа Арсовска како најдобра менаџерка за која бараа поддршка од граѓаните. Ветуваа модерно Скопје, а сега по само една и пол година гледаме запоставен, нефункционален град, на кој му се заканува банкрот“, додава Јанчева.
Оценува дека Славевски мора што побргу да закаже седница на Советот, каде што Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ мора да дадат одговори како успееја да ја банкротираат најголемата и најбога единица на локалната самоуправа.