25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

САД со силнa официјална поддршка е зад нас, за нив сме лидери во промовирањето мир и стабилност во регионот

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен изрази силна поддршка за Северна Македонија за остварување на европската перспектива на земјата. Блинкен на средбата со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи изрази недвосмислена поддршка за земјава.

Американскиот државен Секретар Блинкен, на состанокот потенцираше дека САД високо го ценат придонесот на Северна Македонија во регионалниот контекст, но пред се како цврст НАТО сојузник. Блинкен истакна дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори високо ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО.

Тој исто така ги потенцираше придонесот и лидерството на Северна Македонија во промоцијата на мирот и стабилноста на Западниот Балкан, како и поддршката за Украина, особено по преземањето на претседавањето со ОБСЕ. Ваквата силна поддршка од САД доаѓа во време кога земјава треба да си ја заврши домашната задача и да ги продолжи преговорите со Европската Унија и при засилен стратешки дијалог меѓу САД и Северна Македонија.

„Ние гледаме силен партнер во Северна Македонија, вреден сојузник во НАТО во време кога тоа е навистина потребно. Ние сме благодарни за солидарноста и лидерство во врска со Украина и помошта во одбрана против руската агресија. Ние силно го поддржуваме патот на Северна Македонија кон ЕУ“ изјави Блинкен пред средбата.

Блинкен на ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Северна Македонија, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите кои се пред неа, а на тој пат, државниот секретар потенцираше дека САД ќе стојат цврсто со Северна Македонија.

При посетата на САД, премиерот Ковачевски се сретна и со Џејмс Рубин, специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент со кој потпишаа Меморандум за создавање на стратешко партнерство во борбата против дезинформации, што ќе им овозможи на двете држави интензивна соработка во спротивставување на манипулациите со информациите.

Поддршката на САД за Северна Македонија изминатиов период беше изразена и преку истакнувањето на придонесот на земајва кон засилување на дијалогот и Договорот меѓу Србија и Косово. Специјалниот претставник на Стејт Департментот за Западен Балкан, Ексобар истакна дека земјите од регионот го поддржуваат договорот меѓу Србија и Косово, но и нагласи дека без поддршката на Северна Македонија, тој не би се постигнал.

Недвосмислената поддршка од САД за Северна Македонија е уште еден показател дека напорите направени од државата изминатите шест години за затворање на сите отворени прашања и јасното позиционирање во надворешната политика се исправен чекор, кој ја ставаат земјава на правилна насока и на иста маса со креаторите на глобалните политики. Од друга страна САД преку изразената поддршка ги помагаат стабилноста и просперитот на Северна Македонија и на целиот регион.