Centar.mk
Фото Министерство за Здравство (17.02.2021)
-МАКЕДОНИЈА

Министерството за здравство апелира: Проверете го вакциналниот статус – МРП вакцината е најсигурна заштита од мали сипаници

Во државата се регистрирани четири лабораториски потврдени случаи на мали сипаници, од кои еден увезен, во време кога во Косово и Бугарија се во тек епидемии. Според проценката на Институтот за јавно здравје, ризикот од нови случаи е зголемен, но засега нема пошироко ширење на национално ниво. Сите заболени се невакцинирани, а две се бебиња кои поради возраста уште не можеле да бидат вакцинирани.

Епидемиолошките служби ги идентификуваат и следат сите контакти. На сите јавни и приватни здравствени установи им е доставен протокол за рано препознавање, тријажа и изолација. Градинките и училиштата добија упатство за превентивни мерки.

„Малите сипаници се едно од најзаразните заболувања, но од нив можеме да се заштитиме. Две дози МРП вакцина се најсигурната заштита. Ги повикувам родителите да го проверат картонот за вакцинација на децата, а возрасните кои не се сигурни дали се вакцинирани да се консултираат со матичниот лекар. Со тоа ги штитиме и бебињата, кои се премали за вакцина“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.

Министерството ги повикува граѓаните:

– да ги надоместат пропуштените дози МРП вакцина во најблискиот вакцинален пункт;

– при висока температура, кашлица, црвени очи и осип да останат дома и прво телефонски да се јават на матичниот лекар, наместо да одат директно во чекалница;

– ако биле во контакт со заболено лице, веднаш да се јават на матичниот лекар или во Центарот за јавно здравје.

– да не праќаат болно дете во градинка или училиште.

Министерството, Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје континуирано ја следат состојбата и ќе ја информираат јавноста за секоја промена.

Можеби ќе ве интересира

Клековски: Од проценка кон национален план за квалитет со јасни одговорности, мерливи резултати и реални рокови

ДЕСК

Сали: Еднаквоста и довербата во институциите се суштински за европската иднина

ДЕСК

Мицкоски на средба со раководството на Дојче Телеком: Дигиталната трансформација и технолошки развој се стратешки приоритети на Владата

ДЕСК