Говорот на оружјето често се слуша на улиците. Пред две недели јавноста ја потресе двојното убиство во Старата скопска чаршија. Кон еден од жртвите (кој бил во група со повеќе лица) претходно било пукано во еден скопски хотелски ресторан, но тогаш бил(е) спасен(и) од полицаец кој беше во цивилка. Исто така пред една недела полициски службеник, кој не бил на должност, бил нападнат, заедно со двајца негови пријатели, при што пукал со службениот пиштол во воздух за да се одбрани.
Во јавноста се отвори прашањето, а ЦИВИЛ Медиа побара изјава од МВР – Дали полициски службеник има право да носи оружје после работно време и дали има право да го употреби?
Од МВР велат дека основна функција на полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството и истата е утврдена во член 3 од Законот за полиција.
„Согласно член 13 од Законот за полиција, полицискиот службеник е должен и надвор од работното време да преземе неопходни мерки според околностите на случајот, заради заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните.
За да може полицискиот службеник да ја извршува својата основна функција и да применува полициски овластувања, согласно член 31 став 1 од Законот за полиција, е овластен да носи оружје и други средства за присилба.
Согласно член 81 став 1 од Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластувања во МВР, вооружувањето, опремата и другите технички средства можат да се употребуваат само за оние цели за кои се наменети и на начин кој е пропишан за нивна употреба“, велат од МВР за ЦИВИЛ Медиа.
Д. М.
извор Civilmedia.mk