25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНОИЗБОР

Редовните инспекциски контроли на Зелено пазарче дадоа резултат

Акциските контроли на Зелениот пазар кои на барање на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски веќе еден месец ги спроведуваат инспекциските служби во Општина Центар даваат резултати. Герасимовски јавува дека изречени се 90 прекршочни казни за нелегалните препродавачи, а пазарот е ослободен од узурпираните јавни површини и расфрлано ѓубре. Центарскиот градоначалник Герасимовски денеска им се придружи на комуналните инспектори и редари од општинскиот сектор за инспекциски работи и заедно со припадниците на МВР вршеа контроли во реонот на Зеленото пазарче.

„Инспекциските контроли на нелегалните препродавачи веќе даваат конкретни резултати. Ги нема веќе расфрланите отпадоци, ослободени се јавните површини и граѓаните можат слободно да се движат и да си ги завршуваат секојдневните обврски. Жителите од нас бараат да се справиме со препродавачите, тоа го дискутиравме и на средбите со граѓани, го дискутиравме и со раководството на ‘Скопски пазар’ и мислам дека сме на добар пат кон конечно решение. Акциите ќе продолжат и во наредниот период, сѐ до конечно менување на навиките на препродавачите“, изјави Герасимовски.

Комуналната инспекција на Општина Центар од февруари започна со спроведување на серија засилени инспекциски акции на локации околу Зелен пазар, со цел санкционирање на лицата кои што препродаваат производи на зелена површина, пред зградите и на тротоарите околу пазарот. Постапувајќи по пријави на граѓани за продажба на производи на јавна површина на затекнатите нелегални препродавачи од комуналните редари на дивите препродавачи изречени им се казни во висина од 150 евра. По спроведените акции во околината на Зеленото пазарче, изречени се 90 прекршочни платни налози согласно Законот за јавна чистота.

Општина Центар најавива дека засилени инспекциски контроли на комуналната инспекција ќе продолжат и во наредниот период, на повеќе локации во Општина Центар, секаде онаму каде што се појавуваат вакви или слични проблеми.