26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Забрчанец: Подобриот живот за граѓаните го обезбедува Западот, а не Истокот

Иако ова е веројатно најтешкиот воен конфликт во новиот 21 век на европско тло, сепак последиците по енергетиката успеавме да ги надминеме како регион, без да се случат било какви посериозни последици по населението, оценува националниот координатор за ‘Отворен Балкан’ и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец. Тој во анализа за Цивил медиа пишува дека како регион и како држава, успешно превениравме хаварии на постројките, рестрикции на снабдувањето со струја, како и вртоглави поскапувања на домашните сметки.
-Не дојде ни до недостаток од храна и други основни домашни продукти. Зимата полека завршува, а ниту една од државите на Западен Балкан не настрада, ниту од енергетска, ниту од криза за храна. Иако стравовите за годинава беа огромни, може да се заклучи дека Југоисточна Европа повеќе штета претрпе за време на политичките промени во Украина од 2005 година (Портокаловата револуција), отколку денес. Тогаш, државите од Југоисточна Европа останаа без испорака на природен гас кој транзитираше низ Украина, главната артерија за трансфер на овој енергенс во тие години, смета Забрчанец.

Тој додава дека ЕУ во тоа време немаше заеднички одговор на гасната криза, напротив, секоја земја-членка потпишуваше директни долгогодишни договори со „Газпром“, по различна методологија.

-За разлика од тогаш, денес ЕУ предводена од Германија води усогласена енергетска политика, настапува здружено при набавката на енергенси со цел да обезбеди подобра цена, а во вкупната европска политика сега се целосно интегрирани и државите од Западен Балкан, што секако е од клучно значење за успешното пребродување на кризата, заедно со експанзијата на искористување на сонцето и ветерот за производство на струја, истакна Забрчанец.

Во анализата тој потенцира дека приказните за наводни источни алтернативи за нас како држава и за целиот регион не само што не се издржани, туку се и опасни ако се има предвид дека ние и историски и географски припаѓаме во Европа и дека во повеќе наврати нашиот народ ја потврдуваше својата европската и евроатлантската стратешка ориентација.

-Дека ниту Русија, ниту Кина не можат да бидат алтернатива за нашата иднина говори фактот што од т.н. Исток или од т.н. Евро-Азија не сме добиле ништо во споредба со она што ЕУ веќе ни го испорачува и ни го нуди – милијарди евра директна помош, поддршка на институциите, европски стандарди за подобар живот на граѓаните. Сето ова ни го нуди и ни го обезбедува токму Западот, не Истокот. И конечно, дека нашата единствена економски исправна опција се демократијата и Европа говорат и податоците за трговската размена меѓу Северна Македонија со ЕУ и Русија. Имено, вкупната трговска размена во 2022 година (вкупна вредност на увозот и извозот) меѓу Северна Македонија и ЕУ изнесуваше 12 милијарди и 127 милиони евра, додека пак размената со Русија изнесуваше 470 милиони евра, што е за 25 пати помала економска размена во споредба со онаа со ЕУ. Кога е во прашање економската размена на Северна Македонија со Кина, таа е за 12 пати помала од онаа со Европската Унија, смета Забрчанец.