По тензиите кои траат повеќе од две недели меѓу Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев денеска разговарале телефонски потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари да се одвиваат мирно и непречено.
Двајцата премиери се договориле в понеделник во Скопје да дојдат бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и претседателот на тамошната Агенција за национална безбедност Пламен Тончев на работна средба со македонските колеги.
Според соопштението на бугарската влада, се очекува на средбата ќе бидат прецизирани заедничките активности за да се гарантира мирно и безбедно одбележување на 4 февруари.
„Донев и Ковачевски разговараа и за придобивките од подлабоката соработка меѓу двете земји во областа на безбедноста, особено во случаите на криминални дејствија или закани врз граѓани на Република Северна Македонија со бугарска самосвест“, се вели во соопштението на бугарската влада.
Оттаму додаваат дека Донев пак го потсетил Ковачевски на очекувањата Македонија да ги преземе неопходните активности „за ставање крај на говорот и актите на омраза, како и за почитување на правата на македонските Бугари“.
Речиси истовремено, бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков кажа дека амбасадорот Ангел Ангелов, кој е повикан на консултации во Софија, може да се врати во Скопје ако почне дијалог на високо ниво.
Дали со ова се смируваат тензиите кои започнаа на почетокот на месецов откако бугарскиот европ-пратеник Ангел Џамбаски среде Скопје ги навреди Македонците и властите, со што ја наелектризира атмосферата во земјава. Потоа следуваше претепувањето на членот на УМС и генерален секретар на бугарското здружение Цар Борис од Охрид, Христијан Пендиков?
На социјалните мрежи кружат повици за блокади на патиштата и ноќна стража во „Св. Спас“
„ Повик до сите родољубиви! Дојдете со камиони, трактори, автомобили и друга машинерија и поддржете го протестот!“ – пишува во повикот кој кружи на социјалните мрежи во кој се апелира до граѓаните на 4-ти февруари да ја блокираат патарината Куманово-Скопје за да се запрат Бугарите, кои сакаат да дојдат во Скопје да се поклонат на гробот на Гоце Делчев на денот на неговиот роденден .
Да не дозволуваме бугарските неонацисти да плукаат по споменот на великанот Гоце Делчев – пишува во повикот, на кој не е наведен организатор..
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски уверува дека институциите се подготвени да го сочуваат јавниот ред и мир и да спречат евентуални конфликти и затоа вели дека нема потреба од организирање на граѓаните за блокада на патиштата.
„ Нема никаква потреба од било какво организирање на граѓаните не знам за блокада на патишта, ноќни стражи и било што друго. Зошто, затоа што тука се сите институции на системот. Јас кажав и ќе повторам апсолутно нема да дозволам како МВР понижување на македонскиот народ и македонските граѓани, во никој случај и од било кого, најмалку да не понижи некој кој доаѓа од надвор. Ние сме гостопримлив народ, кој знае да укаже чест и почит, меѓутоа таа чест и почит мора да ни биде возвратена.“, вели Оливер Спасовски – Министер за внатрешни работи.