25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Грковска – Вал: Да се зајакне фокусот кај младите, тие да бидат двигатели на промените

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со новоименуваниот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал.

Вицепремиерката Грковска му посака добредојде на амбасадорот Вал и изрази силно уверување дека соработката и поддршката што ОБСЕ и ја дава на нашата земја ќе продолжи со уште позасилено темпо.

Таа информираше за досегашните активности, но и претстојните планови на Кабинетот за политики за добро владеење кои се фокусирани на три столба, а тоа е креирање на антикорупциски политики, дигитална трансформација на општеството, како и професионални, отчетни, одговорни и ефикасни институции. Притоа, таа нагласи дека оваа година, особено во фокус ќе бидат младите, промовирање на интегритетот кај младите и потребата сите да се вклучат во промените, бидејќи во какво општество ќе живееме зависи од сите нас.

Двајцата соговорниците разговараа и за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ 2023, при што амбасадорот Вал понуди конкретна заедничка соработка во делот на доброто владеење, антикорупциските политики и особено работата со младите, кои треба да бидат носители и двигатели на промените.

Амбасадорот Вал изрази особен интерес ОБСЕ да ги поддржи овие иницијативи, имајќи го предвид фактот дека оваа организација е фокусирана на младите и унапредување на нивниот капацитет.

Вицепремиерката Грковска и амбасадорот Вал разговараа за состојбите во правосудниот систем, како и за можностите преку конкретни активности да се зајакне системот, како исклучително важна алка во справувањето со корупцијата и организираниот криминал.