Француските воздухопловни сили спроведоа симулација на нуклеарен напад како дел од воената вежба „Покер“. Операцијата беше лансирана од воздухопловните бази Сен-Дизје и Таверни, кои играат клучна улога во нуклеарните сили на Франција. Базата Сен-Дизје ја поддржува воздушната компонента на нуклеарното одвраќање, додека Таверни е дом на командните и оперативните центри на стратешките сили.
Борбените авиони „Рафал“ учествуваа во вежбата. „Користиме вистинска опрема и следиме вистински процедури во многу тешки услови, со околу 50 авиони во воздух. Единственото нешто што е забрането е летање со вистински нуклеарни боеви глави под крилата“, рекоа припадниците на француската војска.
Наместо вистински нуклеарни ракети ASMP-A, авионите „Рафал“ носеа инертни макети кои одговараат на тежината и димензиите на вистинското оружје. Овие макети можат безбедно да се отфрлат доколку е потребно. Ракетата има максимален дострел од околу 500 километри и носи нуклеарна боева глава TNA од 300 килотони.
Во симулацијата учествуваа два тима: „црвениот“ го претставуваше непријателот, а „синиот“ дејствуваше против него. „Целта е да се осигураме дека ќе можеме да извршиме ваков тип мисија во иднина, дури и со технологија што се развива со сè побрзо темпо“, објаснија француските воени претставници./Извор:Makfax


