Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

АНБ ПРЕДМАЛКУ ИЗЛЕЗЕ СО ДЕТАЛИ ЗА ГОЛЕМАТА АКЦИЈА: Попpeчена активност на криминално верско радикална групација

Агенцијата за национална безбедност во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 28.09.2026 година презеде мерки за сузбивање активности на издиференцирани безбедносно интересни лица кои се осомничени за сторено кривично дело по член „394-б“ од КЗ Тероризам и член „396“ од КЗ Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Во рамките на оперативната акцијата од слобода се лишени вкупно пет лица, притоа извршен е претрес на повеќе локации на подрачјето на Скопје, и тоа во с.Сингелиќ, Чаир и с.Брест, при што пронајдени и одземени се количества на нелегално оружје, пиштоли, автоматски пушки, муниција, тактички елеци и останата опрема, пропаганден материјал од меѓународната терористичката организација „Исламска држава“, компјутерски единици за „копање“ криптовалути, како и останата документација.

Станува збор за верско радикална групација надоврзана на транснационални криминални организации која се поврзува со дела на насилство, изнуда, киднапирање, лихварство, недозволена трговија на наркотици, трговија со оружје, и останати криминогени активности. Исламско радикалниот елемент е одлика која е взаемна кај повеќето членови на групата, имено истите се идеолошки следбеници на радикални имами кои се поддржувачи и прокламатори на меѓународни терористички организации. Воедно, дел од уапсените се во блиски релации со странски терористички борци од земјава и регионот.

Индоктринирањето на млади лица од страна на истакнатите членови на групата е модус операнди кој континуирано се применува. Верските објекти каде се практикува радикалниот ислам и онлајн радикализацијата претставуваат иницијални тригери за регрутација на младите, кои подоцна се интегрираат во дадени криминогени активности на групацијата.