28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Димитриевски: Минатата година реконструиравме 3 средни и 5 основни училишта, во 2023 продолжуваме со подобрувања на условите во училиштата со буџет од 26 милиони денари за образование

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски информира дека во 2022 година е извршена реконструкција во три средни училишта и во пет основни училишта, а исто така изградени се пет нови мултиспорт игралишта со тартан подлога.

„Направивме целосна реконструкција на фасадата и кровот на објектот на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ и спортската сала, поставени се нови ПВЦ прозорци на целиот објект, реновирана е внатрешноста на спортската сала, и низа други проекти за доопремување и уредување на внатрешниот дел на училиштето. Целосно е реконструирана фасадата на објектот на СОУ „Перо Наков“, поставени се нови ПВЦ прозорци на целиот објект, како и фотоволтаици за енергетска ефикасност и низа други проекти за доопремување и уредување на внатрешниот дел на училиштето“, посочи Димитриевски.

Целосно е реконструирана фасадата на објектот на ОСТУ „Наце Буѓони“, поставени се нови ПВЦ прозорци на дел од училишниот објект, поставени се фотоволтаици за енергетска ефикасност, и низа други проекти за доопремување и уредување на внатрешниот дел на училиштето.

„Образованието е столбот на општеството! Целосно е реконструирана фасадата на објектот на ООУ „Браќа Миладиновци“ кај Соколана, објектот на ООУ „Карпош“ во с. Умин Дол, објектот на ООУ „Карпош“ во с. Љубодраг и извршена е реконструкција на фасада на објектот на ООУ „11 Октомври“. Направена е целосна реконструкција на кровот на ООУ „Кочо Рацин“ во с. Биљановце. Во 2023 година ќе продолжиме со инвестиции за подобрување на условите во училиштата, за поквалитетна настава и едукација на идните генерации, со предвиден буџет од 26.690.000 денари за инвестиции во образованието“, рече Димитриевски.