5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

КОЛУМНА НА БРАНКО АЗЕСКИ: ПРЕЖИВЕАВМЕ, 2023 г. ИЛИ ОДИМЕ НАПРЕД ИЛИ ПОТОНУВАМЕ

Во екот на најголемата и најтешка криза кај нас, во 1999 година, во хотелот Александар Палас, точно во 19 часот започна седница на Советот на НАТО со која претседаваше генералниот секретар Џорџ Робертсон. Кога стигна дојавата за бомба, во салата имаше 19 акредитирани амбасадори на НАТО ви Брисел, целокупниот нивен генералштаб и комплетното раководство на Република Македонија. Како генерален директор на Александар Палас, бев повикан да издадам наредба за евакуација. Нормално, не ја потпишав и го презедов целокупниот ризик врз себе. Сето тоа траеше 8 минути, кои, ако ја потпишев наредбата, ќе имаа 800 дена последици. Во мојот мандат имав пет вакви ситуации и реагирав на ист начин. Ризикувањето и одговорноста се составен дел на лидерството.
Зашто треба поединецот да реагира вака, спротивно на општествените норми? Затоа што тој мора да ги има предвид сите информации што се поврзани со конкретната дејност и на крајот, да донесе одлука сам, со целокупниот ризик. Јас тоа го правев, затоа што ги знаев тешките последици што би настанале врз работењето на штотуку изградениот објект, но и врз серија нелогичности коишто беа видливи од месечината. На пример, повикот за поставена бомба беше регистриран на рецепцискиот идентификатор, што е невообичаено затоа што таа работа се прави од телефонска говорница. Второ, веста беше пласирана како прва вест во 19 часот при гледаност од 38%, а дојавата за бомба беше 3 минути подоцна, во 19:03 мин. Се на се, треба многу ризик, треба многу знаење, за да се спротивставиш на вакви појави, кои просто „ја разнесуваат“ Македонија секојдневно и економски ја осакатуваат.
Бидејќи кај нас во државата, никој не ризикува, нормално е и дека нема да напредува. Страшно е што овие наши глупости се мултиплицираат и на секое друго рамниште. Наместо отворени граници, од 2023 година ќе очекуваме „војна за таблици“. Наместо војни во вселената, добивме уништување на „зелената“ (агенда ли е, платформа ли е, трева ли е…).
Што сево ова зборува? За граѓаните не знам. За компаниите, непредвидливост и катастрофа. За Западниот Балкан – наместо Брисел, пензионираниот Волгфанг Шисел. И сега што да кажам за моите очекувања за 2023 година. Преку 40 години одговарам на вакви прашања, и од целото мое искуство, би им предложил на медиумите да ги остават отворени, доколку има некој нешто паметно да каже, а другите сите ги фрли во оган бидејќи дефинитивно на Балканот идеи и предлози не му се потребни.

Спонзорирано: