Можеби некои сметаат дека она што го говори Апасиев не е толку важно, бидејќи никогаш нема да биде во позиција на одлучување, но тука многу луѓе грешат, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Куманово. Ковачевски кажа дека економската криза ги очајува луѓето и ги тера да размислуваат да му дадат шанса на радикализмот на Апасиев.
-Тоа не е само нешто што се случува овде во Северна Македонија, туку и во Италија, САД, Германија и Франција. Знаете ли кој е доказот дека Апасиев и Левица се посилни? Фактот што ги зеле Мицкоски и ВМРО како заложници. Секое утро Мицкоски го отвара телефонот за да провери што кажал синоќа Апасиев, па денес да каже нешто не помалку екстремно. Се плаши да изгуби гласови од Левица, па мора да биде барем екстремен такви какви што се тие, истакна претседателот на СДСМ.
Според Ковачевски, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев се совршена комбинација за хаос и деструкција.
-Мицкоски е човек без визија, без став, Апасиев е пироман со визија за хаос, меѓуетнички тензии. Двоецот Мицкоски Апасиев инспирирани од 11 годишното владеење на Груевски може само да понудат изолација на земјата, омраза меѓу граѓаните, конфликт со соседите масовно иселување на младите. Тоа нема да го дозволиме! Затоа Мицкоски е уплашен и нервозен, затоа постојано бара предвремени избори, како одминува времето Апасиев му ги зема гласовите. Вчера Мицкоски го призна тоа, вели храброста се мерела со барање за предвремени избори. Не е тоа храброст. Храброст не е да седиш на страна, да се криеш зад Апасиев, да правиш штета на својата земја и да бараш предвремени избори. Храброст е да засукаш ракави, да обезбедиш струја, вода, енергија во време на најголема криза, заклучи Ковачевски.