26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Буџетот влегува во собраниска процедура, предвидено зголемување на минималната плата и пензиите во март

Денеска во собраниска процедура влегува буџетот за 2023 година.

Пратеничката на СДСМ, Даниела Колева истакна дека овој буџет е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза, за што се предвидени 250 милиони евра.

Приходите во споредба со 2022 година се зголемени за 14,8 отсто, додека дефицитот се намалува за 0.7 процентни поени во однос на проекциите за 2022 година.

Веќе во март следната година, рече Колева, ќе имаме ново зголемување на минималната плата и ново покачување на пензиите.

„Како одговор на последиците од кризата, но и за унапредување на животниот стандард на граѓаните, се зголемуваат средствата за исплата на плати, пензии и социјални трансфери. 75 милијарди денари или 10 отсто повеќе се зголемуваат средствата за исплата на пензии, додека 12,5 милијарди денари се предвидени за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории граѓани. Обезбедени се дополнителни средства за усогласување на платите со минималната плата во текот на следната година, согласно новата методологија“, образложи пратеничката.

Капиталните проекти се на ниво од близу 800 милиони евра, односно се за околу 52,3 проценти повисоки во однос на проекцијата за 2022 година.

СДСМ ги повика сите пратеници низ конструктивна и аргументирана дебата да го поддржат буџетот за 2023 година кој, како што велат, е во интерес на граѓаните и македонската економија.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата вчера објави дека доставиле 200 предлог-амандмани на буџетот.

Пратеникот од таа пратеничка група, Бојан Стојаноски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе побара намалување на акцизите за горивата со цел да се испадне во пресрет на домаќинствата, но и на транспортните компании со што очекуваат да се влијае на намалување на крајните цени на производите.

Бараат дополнително одложување од една година на прогресивниот данок и сите измени во данокот за личен доход, како и викенд без ДДВ за прехранбени производи. Амандманите ги опфаќаат и барањата на синдикатите, односно зголемување на средствата за плати за администрацијата за 15 проценти.

Опозицијата поднесе и амандмани за инвестиции во областа на енергетиката, како и амандмани за младите што вклучуваат реконструкција на студентските домови.