23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

„Леви“ амандмани за „перење“ на гревовите

Пишува: Зоран Бојаровски

Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов поднеле 1300 амандмани со намера со „амандманска блокада“ да не дозволат „јавниот простор и слободната мисла да бидат потиснати под чизмата на авторитарниот режим на СДС, кој ги враќа на голема врата најлошите политики од претходниот режим“.

Само наивните и оние со кусо, или без паметење, ќе ја земат сериозно оваа постапка на Апасиев и Левица. Затоа што јавноста многу добро знае кој во континуитет ја потиснува слободната мисла со авторитарни постапки и препознава дека левите амандмани, вусшност“, се обид за перење на гревовите на Левица и нејзиниот лидер кон новинарите.

Но, пред да ја претставиме во деталји сликата дека Левица и нејзиниот лидер, всушност, се токму тие коишто го одржуваат континуитетот на „најлошите политики од претходниот режим“ кога е во прашање слободата на медиумите, ќе поставиме неколку прашања:

Пред да ги образложи амандманите во Собрание, Апасиев да објасни за какви списоци зборува членот на неговата партија кога на соц мрежите нашиша, онака, субмисивно: „Профа овој не знам дали од претходно беше на СПИСОК го додадов у секој случај да не го изумиме“ под Фејсбук статус на неговиот лидер во кој нападна еден наш колега затоа што разговарал со една министерка?

Дали се тоа списоци од онаа закана „сите ќе ве стреламе“ по парламенарните избори во 2020 година?

Прашуваме зашто за овие прашања сѐ уште нама одговор.

Дали Апасиев ќе се извини за долгата серија грди објави со говор на омраза и квалификации за новинарите кои ги нарекува „новинари проститутки“, „сороспии“, „црепови“, „недоквакани дилајли“,„соросписки бројлери“, „соросписка багра“, „гнида квинслишка“, како и за заканите и нендоличната комуникација како „ајде бркај работа“, пред да почне во Собранието да го брани „јавниот простор и слободната мисла“?

Иако е нејасно зошто Јавното обвинителство уште се нема изјаснето до каде е постапката за оформување предмет за заканата “сите ќе ве стреламе“ од 2020 година, укажуваме јасно и гласно предупредуваме дека со ваквиот говор на омраза и јавни настапи против новинарите сосема  е возможно да се поттикне насилство кон медиумските работници, што е апсолутно спротивно со законот, за што одговорност имаат и институциите на системот.

Од каде да знаеме дека она типче што го физички го нападна снимателот на ТВ24 не се „хранел“ со говорот на омраза на Апасиев и Левица?

Овој вид на говор на омраза, како и тужбите што ги практикува Апасиев, според Советот на Европа, служат да се предизвика заплашување и правни трошоци или едноставно исцрпување на тужените, во случајов на новинари, со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP). Овие тужби, посебно кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат самоцензура кај новинарите а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните.

Оттаму со право беа реакциите на Здружението на новинарите на Македонија, Советот за етика во медиумите во Македонија и другите медиумски и други организации за човекови права кога ја оцени како скандалозна одлука на скопска Апелација да ја поништи пресудата на Основниот кривичен суд во полза на тужените новинари Мери Јордановска и Предраг Петровиќ по тужбата на Апасиев и предметот го врати на повторно судење.

Дека Апасиев не престанува со својата навика да ги напаѓа новинарите и покрај тоа што има повеќе судски пресуди, како на пример онаа против новинарот Џабир Дерала, потврдуваат и темелните аналитичари на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), кои во март оваа година регистрираа 4 нови напади на Апасиев кон новинарите на социјалната мрежа Фејсбук.

На 7 февруари ги нарече „недоквакани дилајли“, по што следуваа одделни постови во кои новинарите ги нарече „соросписки бројлери“, „бројлери од калап извадени“. Во еден од тие напади Апасиев ги оцени новинарите како „покорумпирани од политичарите“ заради, како што го нарече тој, пристрасното известување за руско-украинскиот конфликт, по што во нареден пост се закани и „хигиенска десоросоизација“.

Без да должиме многу, во продолжение ќе излистаме неколку наслови за да останат како сведоштво за политичарот со најголем број тужби против новинарите а кој себе си се гледа како чувар на „слободната мисла од чизмата на авторитарност“.

Да не е трагично, навистина би било урнебесно смешно и затоа нека остане и овде запишано:

Член на Левица со закани кон активистот и новинар Сарачини: ‘Црнa дупко, уште малку ти остана’“, „Апасиев продолжува со брутални напади врз новинарите и ширење дезинформации“, „Функционери на Левица со етикети, говор на омраза и закани за ставање на „список“ кон новинарот Попетрески“, “Апасиев: Џабе ни се лижете, сите ќе ве стреламе“…

А којзнае, можеби меѓу амандманите на Апасиев има и таков кој предвидува дека во иднина новинарите ќе пишуваат по диктат на политбирото и президиумот во духот на најдобрите комунистички времиња, бидејќи лидерот на Левица веќе покажа амбиции да диктира кога напиша „Објаснете му на народот дека само за нас измислија ко божемска ‘политичка конференција’, а преговорите ќе почнат на куково лето“.

Преговорите со ЕУ не само што почнаа, туку и си течат според предвидената динамика, а оваа порака го стави Апасиев на листата на дезинформатори.

извор: Civilmedia.mk