3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: „Право, слобода и безбедност“ е поглавјето што ја носи суштинската промена на македонското општество

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел го отвори тридневниот билатерален скрининг за Поглавјето 24, „Правда, слобода и безбедност“, на кој истакна дека ја носи суштинската промена на македонското општество и ќе биде најобемно за усогласување во преговорите за членство со ЕУ.

„Решени сме да ги спроведеме сите неопходни реформи со цел да станеме кредибилен член на европското семејство. Овој тежок државнички процес со ЕУ претставува најдобар механизам за спроведување реформи, кои ќе придонесат за зајакнување на демократијата и создавање зрело општество со силни и ефикасни институции“, рече главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ.

Во однос на сработеното во рамките на Поглавјето, Маричиќ потсети на потпишаната спогодба со Фронтекс, тековната процена на ИТ и комуникациската структура за поддршка на идентификацијата и регистрацијата на мешаните миграциски текови, изготвениот мастер-план за дефинирање спецификации за надградба на информатичко-комуникациската инфраструктура кон идно поврзување со информациските системи на ЕУ.

Во областа на борбата против организираниот криминал, како што беше потврдено во последниот извештај за напредокот, вицепремиерот Маричиќ посочи дека законодавната рамка е во голема мера усогласена со европските стандарди, како и дека постои широк спектар на стратешки документи, засновани на релевантните стратегии на ЕУ, како што се Националната стратегија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, Националната стратегија за дроги, Националната стратегија за сајбер-безбедност итн. Покрај тоа, посочи и на планираните активности, кои, како што рече, поопширно ќе бидат презентирани од страна на претставниците на надлежните институции.

„Во деновите пред нас ќе ја искористиме можноста да го презентираме нивото на усогласеност на нашето законодавство со европското и натамошните планови за усогласување во областите, каде што со години досега работиме на транспонирање релевантно acquis, како и на зајакнување на нашиот административен и оперативен капацитет. Поглавјето 24 е столбот на режимот на визна либерализација, што ни беше овозможен уште во 2009 година и им даде на нашите граѓани од прва рака корист од членството во ЕУ“, рече вицепремиерот Маричиќ.