Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК во рамки на годинешните програмски активности, во понеделник (14.11.) со почеток во 19,00 часот во галерискиот простор на “Мала Станица“ со пригоден настан ќе го одбележи 14 ноември – Светскиот ден на дијабетесот, на кој од особена важност ни се Вашата подршка и присуство.
Годинешниов настан под мотото “Едукација за заштита на иднината“ (согласно препораките на Меѓународната федерација за дијабетес) на кој што е предвидено присуствo на сите релевантни институционални и стручни чинители од здравствениот сектор е фокусиран на пораката која е насочена кон интензивирање и сеопфатност на едукацијата и информираноста во поглед на дијабетесот – и како самосвесна цел на секој што се соочува и живее со оваа состојба, и како цел на здравствените и други институции.
БАЛАНС МК насочувајќи го фокусот кон неопходноста од исцрпна но и континуирана едукација на сите лица со дијабетeс, што впрочем е една од примарните заложби на Асоцијацијата изразена преку мноштвото едукативни проекти и работилници во изминативе години, по повод Светскиот ден на дијабетесот, 14ти Ноември ќе реализираме настан на кој што ќе се реафирмира потребата од квалитетна едукација на децата со дијабетес тип 1, на нивните родители и блиски, но и на сите лица со дијабетес, независно дали станува збор за дијабетес тип 1 или тип 2. Дополнително, со оглед дека во изминативе две години поради состојбите со ковид-пандемијата децата на кои всушност примарно им е наменето делувањето на БАЛАНС МК, беа под своевидна изолација, овој пат и тие со свои активности не само што ќе бидат вклучени во настанот, туку нивните активности ќе завземат централно место на настанот.
Имено, тргнувајќи од основната премиса декларирана на светско ниво – дека постојаната едукација и веродостојните информации се суштински во квалитетното справување и превенција на дијабетесот, идејата е да се нагласи есенцијата во едукативно инвестирање на секој поединец засегнат од дијабетесот но и во отвореноста и подготвеноста на институциите – пред се здравствените, но и воспитно образовните – да бидат дел од еден заеднички механизам насочен кон образование на лицата со дијабетес. И секако, кон широкиот јавен аудиториум – со оглед на епидемиските размери што ги поприма состојбата дијабетес во последнава декада.
Настанот ќе се одржи во галерискиот простор на Мала Станица. На настанот децата ќе имаат креативна работилница, каде што со двајца тренери психолози по Гешталт Арт терапија користејќи разни техники (колаж, боја, мозаик и слично) тие ќе изработат голем постер токму на темата за потреба и пристап до едукација и преку нивната креативна работа ќе испратат порака на јавноста. И, простор каде што во условно кажано официјалниот дел пред јавноста ќе се аргументира и испрати порака за оправданоста и бездруго нужноста од постојана едукација, за достапност до релевантни информации, за потребата од институционална кооперативност. Воедно, ќе биде промовиран и почетокот на работата на веб порталот “Инсулинска Порта“ креиран од страна на БАЛАНС МК – како медиум кој што потпирајќи се на сите современи стандарди за функционирање на јавен сајбер сервис најголемиот простор во своето работење ќе го посвети токму на едукацијата и информирањето за дијабетесот на сите читатели.
На самиот настан покрај членови на БАЛАНС МК, се поканети г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на РСМ, во својство на промотор на јавната свест за детскиот дијабетес во Македонија, претставници на Министерството за здравство и ФЗОМ, потоа претставници на медицинската фела инволвирани во третманот со дијабетесот, претставници на фармацевтски компании од областа на дијабетесот, подржувачи на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК, како и претставници на медиумите.
Инаку, целиот настан следствено планираната агенда и траење (во периодот од 18,30 часот до 20,00 часот) е замислен според следната програма:
18,30 часот – Креативна детска работилница
19,00 часот – Отварање и поздравно обраќање на г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски
19,05 часот – Обраќање по повод одбележувањето на Светескиот ден на дијабетесот, 14 Ноември, на Министерот за здравство на РС Македонија, г-динот Беким Сали
19,10 часот – обраќање на Проф. Д-р Зоран Гучев, почесен претседател на Баланс МК
19,15 часот – Проф. Д-р Елена Шукарова – Ангеловска, Клиника за детски болести -Ендокринологија и член на Националната Комисија за дијабетес
19,20 часот – кусо обраќање на Наташа Деспотовска Димитриевска, претседател на БАЛАНС МК – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија
19,25 часот – промотивно претставување на едукативно–информативниот портал Инсулинска Порта, д-р Стојан Николиќ
19,30 – формален крај на настанот