Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во гостувањето на „Топ Тема“ изјави дека Владата има јасна цел и дека се водат од државните интереси, државничките пориви и желбата да оди државата напред, потенцирајќи дека едниот интерес е да се зачува нашиот идентитет и јазик, а вториот, Северна Македонија, да стане членка на Европската Унија.
„Никој не може да ни го оспори идентитет и да ни го земе, без наша волја и желба, а кај нас нема никаква волја за бришење на нашиот идентитет, напротив ние инсистиравме македонскиот јазик да се најде во преговарачката рамка, и се најде. Ние инсистираме Фронтекс договорот да биде потпишан на македонски јазик без додавки и така ќе биде, на крајот на месец септември“, изјави Маричиќ.
За вицепремиерот Маричиќ референдумот ќе биде само губење време и непотребно поставување на нови пречки на нашиот пат кон ЕУ, кој и така беше доволно исполнет со пречки и дека нема да има никаква смисла, кога без разлика на исходот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не планира да гласа.
„Прашањето за референдум е навистина сериозно и жалам што ВМРО-ДПМНЕ на таков начин го отвори, не е тоа соочување на власта и опозицијата, туку едноставно зошто би биле ставени граѓаните во таква ситуација. Да се потсетиме прашањето коешто го предлага ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е врзано за договорот од 2017, договорот со Бугарија, за којшто исто како и за францускиот предлог во јули оваа година, ВМРО-ДПМНЕ немаше ни храброст а имаше можност да гласа против. Тие ниту тогаш 2017, ниту сега за францускиот предлог не гласаа против, туку ја напуштија салата на чинот на гласањето …“-вели Маричиќ.
На обвинувањата на опозицијата, Маричиќ во „Топ тема“, одговори дека никој не оди против волјата на граѓаните и дека нивната волја е да станеме членка на ЕУ како Македонци кои говорат македонски јазик и дека Владата таа агенда ја исполни, додавајќи дека не сакаат да се дел од несигурната и нестабилна агенда на Мицкоски, кои инсистираа на референдум за Преспанскиот договор, а не учествуваа.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ смета дека ова е политичка игра или желба како опозицијата да излезе од оваа ситуација во којашто самите се наоѓаат, повикувајќи се на фактот што со години во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, која влијаеше и СДСМ да ја смени програмата, беше ставено, дека кое било решение со Грција треба да се најде на референдум пред граѓаните и кога дојде времето за референдум 2018 година, ВМРО-ДПМНЕ реши да го бојкотира.
„Доколку навистина ВМРО-ДПМНЕ беше против францускиот предлог и против Договорот со Бугарија ќе гласа против за ратификацијата или сега зошто, пет години подоцна се отвора прашањато за референдум за Бугарија зошто не се отвори прашањето за референдум за Преспанскиот кога веќе го отвораат за договорот со Бугарија“, истакна Маричиќ во интервјуто.
Маричиќ вели дека јасни се условите под кои ќе влеземе во Унијата, тие се веќе поставени во преговарачката рамка и смета дека ако се прави референдум прашањето треба да биде вистинското, не дали сте за поништување на договорот, туку дали сте за членство во Европската Унија.