Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Софија оствари работна средба со премиерот на Република Бугарија, Галаб Донев, по што беа одржани работни состаноци со ресорите од секторите економија и енергетика од двете земји.
Во состав на официјална делегација на работните состаноци присуствуваа Бујар Османи, министер за надворешни работи, Крешник Бектеши, министер за економија, Васко Ковачевски, директор на ЕСМ, Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Северна Македонија и Виктор Андонов,соработник за енергетика.
Од бугарска страна на состаноците беа присутни Николај Милков, министер за надворешни работи, Росен Христов, министер за енергетика, Ангел Ангелов, амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Нина Колева,шеф на политичкиот Кабинет на премиерот, Андреј Техов, советник за надворешна политика на претседателот, Љубомира Ганчева, раководител на политичка канцеларија на министерот за енергетика, Славина Иванова, советник на министерот за енергетика и Владимир Малинов, извршен директор на „Булгартрансгаз“.
На средбата беше дискутирано за состојбата во енергетскиот сектор и кризата на светско ниво предизвикана од воената агресија врз Украина.
Двајцата премиери разговараа дека приоритет во преден план треба да биде фокус на решавањето на енергетската криза и недостигот на енергенси. По завршувањето на работните состаноци предвидена е заедничка прес-конференција на двајцата премиери.