23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заврши владината седница, донесени серија важни одлуки

Од 49-та седница на Владата: Се проширува опфатот на корисници на субвенции на земјоделците; Донесени се Фискалната и Стратегијата за управување со јавниот долг; Усвоен Националниот план за енергија и клима

Владата на Република Северна Македонија на денешната 49 седница донесе измени и дополнување на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2022 година од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за тековната година со цел со мерките за поддршка да бидат опфатени и откупувачите на јаболко.

Дополнително со измените и дополнувањата се продолжува рокот за аплицирање за овие мерки за поддршка до 31 јуни 2022 година, со цел сите земјоделци да го остварат правото на субвенции и да добијат поддршка од државата за производство на храна.

На оваа своја седница Владата ја донесе Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2023-2025 година (со изгледи до 2027 година).

Среднорочната фискална стратегија e во согласност со среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија и овозможува следење на динамиката на приходите и расходите во однос на фискалните цели.

Клучни елементи на среднорочната фискална политика претставуваат редизајнирањето на буџетската политика и фискална консолидација, кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија.

Планираната фискална консолидација опфаќа три главни аспекти: Подобрување на наплатата на буџетските приходи, преку мерки за намалување на сивата економија и мерки за спречување и сузбивање на корупцијата; Намалување и реструктурирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите со цел зајакнување на конкурентноста, социјална компонента за поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите; Промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд за стратешки инвестиции.

На предлог на Министерството за финансии, на денешната седница Владата ја донесе и Стратегијата за управување со јавниот долг за 2023 – 2025 година (со изгледи до 2027 година).

Со Стратегијата за управување со јавниот долг, согласно Законот за јавен долг, се утврдува висината на јавниот долг на среден рок, максималниот износ на нето задолжување во првата година за којашто се однесува Стратегијата и максималниот износ на новоиздадени државни гаранции во првата година за којашто се однесува Стратегијата и структурата на државниот долг.

Стратегијата за управување со јавниот долг ѝ дава рамка на Владата на Република Северна Македонија за дејствување во насока на прудентно управување со јавниот долг на државата на среден рок.

Како цели на политиката за управување со јавниот долг во Стратегијата се утврдени:
Финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, на среден и долг рок, и со одржливо ниво на ризик;
Идентификација, следење и управување со ризиците на коишто подлежи портфолиото на јавниот долг и
Развој и одржување ефикасен домашен финансиски пазар.
Владата денеска го разгледа и усвои Националниот план за енергија и клима (НПЕК) на Република Северна Македонија.

Националниот план за енергија и клима го покрива периодот од 2021 до 2030 година и го пропишува патот за остварување на целите до 2030 година.

Како и Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија, и НПЕК има сеопфатен пристап и ги опфаќа петте најважни димензии на Европската енергетска унија, односно декарбонизацијата (со два сегменти: емисии на стакленички гасови и обновливи извори на енергија), енергетската ефикасност, безбедноста во снабдувањето со енергија, уредувањето на внатрешниот пазар на енергија, и истражување, иновации и конкурентност во сферата на енергетиката и климатските промени.