22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Суспендирани двајца царински службеници, не е евидентиран излезот на возилото на превозникот „Беса транс“

Царинската управа со мерки за двајца цариници и раководител, по извршената контрола во која е констатирано дека на ГП „Деве Баир” не бил евидентиран излезот на автобусот од несреќата.

Секторот за професионална одговорност на Царинска управа вчера на ГП „Деве Баир“ вршеше детална контрола на постапувањето на превозникот и на царинските службеници на денот на излез на автобусот од државава, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај.

Првичните наоди од внатрешната контрола, како што соопшти Царината, покажуваат дека на 18 ноември од царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото на превозникот „Беса транс“ од Скопје, извршена е само заверка на евидентниот лист за превоз на патници.

За досега утврдените неправилности во постапувањето, за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работното место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање, информираат од Царинската управа.

Министерството за транспорт и врски вчера информираше дека на фирмата-превозник „Беса транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење дејност.

Соопшти дека за автобусот во кој загинаа 45-те патници немало издадено извод од лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту, пак, за друг вид јавен превоз на патници, а возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци.

Во соопштението беше посочено дека Министерството за транспорт и врски има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса транс БТБ“, но меѓу нив не е автобусот што изгоре завчера.

Инаку, во земјава денеска е трет ден жалост за загинатите во несреќата и откажани се сите културни и спортски настани.